Политички прозивки ДУИ-Алијанса: Кој и што сработил на локално ниво

Гостивар 31 август 2021 Двете највлијателни политички партии во Гостивар, Алијанса за албанците и ДУИ на одвоени прес конференции ги соочија ставовите околу сработеното во изминативе четири години.

Арта Биљали Зендели од ДУИ посочи дека актуелниот градоначалник на општина Гостивар изминативе денови промовира проекти и за кои тврди дека се нивно постигнување. За Биљали Зендели, зголемувањето на платите во ЈП Комуналец не е резултата на ангажманот на Таравари, туку тоа резултат на централната власт во која партиципира ДУИ.

– Ова не е единствената работа која ја присвојува, такви се: Проектот СЕКО за водовод, втора фаза, е дел од добиени грантови во 2016 година, во времето кога со општина Гостивар управуваше градоначалник од ДУИ. Дел од грант од 2017-та се и реконструкциите на локалните патишта за Падалиште и Трново, финансирани со пари на Светска банка, така е исто и со четирите градинки кои ги затекна изградени, подвлече таа и нагласи има уште проекти кои градоначалникот ги промовира како свои достигнувања, што не манир и одлика во јавните политики во 21 век.

Набрзо свој став и одговор пред новинарите даде и градоначалникот Арбен Таравари. За прозивката од политичките опоненти тој искоментира поважен е ставот на граѓаните за кои рече дека тие најдобро знаат кој и што работи. Впрочем како што нагласи Таравари, оценка и мислење ќе дадат на претстојните избори.

– Ние не сме виновни што граѓаните на 29 октомври 2017 одлучија, Таравари со неговиот тим да раководи со општината. Ги разбирам и зошто реагираат. Нивните соништа како проекти, канализации, водоводна мрежа, градинки, реновирања на училишта, зеленило, младински центри не станаа стварност. Што сме реализирале, тоа го кажавме. Сепак ДУИ не е партија која никогаш не била на власт во Гостивар. Истата партија и истиот кандидат за овие избори, во два наврати можеле да ги реализираат. Конечно, еве наскоро се избори и граѓаните ќе го дадат одговор на сите поставени прашања, изјави Таравари.

Коментарите се затворени.