Премиера на краток филм Break Free

Гостивар, 30 ноември 2021 (МИА) Со премиерата на краткиот филм „Break free“ (ослободување) во центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар, беше заокружен проект чија цел е справување со социјалната анксиозност и булизмот кај младите.

Пред гостиварската публика во големата сала синоќа премиерно беше прикажан филмот на режисерот Ајдин Исалми и сценаристот Артин Селмани, во кој главните улоги ги играат актерот Береда Решит и Анди Исмаили светски првак во модерен танц за деца. Тие двајца играат татко и син кои имаат различни погледи на иднината. Таткото посакува неговиот син да биде славен фудбалер, а тој пак, да биде танчар. Во филмот има и сцени во кои детето е на мета на врсниците кои не гледаат со наклоност кон амбициите на нивниот соученик.

Филмот е дел од проект поддржан од програмата Young Cities (млади градови) што во Гостивар го реализираа Демокраси Лаб и Младинскиот центар на заедницата кој ја третира темата со врсничкото насилство низ креативни форми на изразување.

– Го избравме филмот како уметност која емотивно нè движи. Честопати постои јаз помеѓу перцепцијата и работите што не ги гледаме и начинот на кој се обидуваме да ги објасниме. Зборовите некогаш немаат доволно моќ да објаснат духовноста. Затоа се решивме преку слика и филмот да ја визуелизираме социјалната анксиозност со сите нејзини последици, рече Вљора Демири од иницијативата „Брејк Фри“.

Пред премиерата беше изведен и перформанс со изложба „Изгубени можности“ со збирка на вистинити приказни на лица кои биле жртви, а претходно беше одржана работилница за младите од Гостивар.

згм

Коментарите се затворени.