Одбележан денот на општина Гостивар, Ферит Садику прогласен за почесен граѓанин

Гостивар, 24 декември 2021 (МИА) На пригодна свеченост под мотото „Гостивар на прво место“ синоќа во салата на советот на општина Гостивар беше одбележан општинскиот празник 23 декември.

Пред присутните, меѓу кои беа претседателот на државата Стево Пендаровски и поранешните градоначалници Енвер Зенку и Џемаил Реџепи, беше презентиран видеоматеријал во кој беа претставени над 100 проекти во кои општината инвестирала.

Во обраќањето градоначалникот Таравари се заблагодари на неговите претходници, за кои како што рече дале многу за развој на градот и демократијата.

– На денот на општината, сакам искрено да им се заблагодарам на секој од моите претходници. Тие во многу тешки времиња платија висока цена за да ја заштитат слободата и демократијата на градот. Затоа им благодарам на секој еден од нив, дури и на оние кои покажаа како не треба да се работи. Сите тие се градоначалници и историјата ќе ги запише на своите страници, рече Арбен Таравари, градоначалник на Гостивар.

Тој во обраќањето напомена дека симпатизер на американскиот устав, нема да се кандидира за трет мандат, бидејќи смета дека два се доволни. Меѓу другото тој порача:

– Од првиот ден заедно со тимот ја водиме Општината како сопственост на гостиварци и само на нив. Не дозволивме партиските страсти кои државата ја претворија во столб на висока тензија да станат дел од нашата работење. Ова е земја во развој, невозможно е да се задоволат сите, но можно е да се бориме за секого. Денес, на најважниот ден за оваа институција, сакам да апелирам до секој од нас дека ако ги гледаме идеолошките, верските или етничките разлики како вредности, тогаш градот и државата можат да бидат хармоничен мозаик. Таков е Гостивар, и покрај големите предизвици. Тука живеат Албанци, Македонци, Турци, Бугари, Роми и други, секако дека има и муслимани и христијани и од други вери, но сите се обединуваме во едно име, од Гостивар сме рече Таравари.

На свеченоста, со признанието „почесен граѓанин“ беше одликуван лекарот во пензија, Ферит Садику. Благодарници и плакети за промоција на Гостивар добија Кимет Јусуфи, Ведут Пурде и Марија Милошевска за нивните научни достигнувања на меѓународно ниво и светскиот првак во модерен танц Анди Исмаили за меѓународни достигнувања во уметноста.

згм

Коментарите се затворени.