Скулпторот Џезаир Реџепи на Гостивар му подари скулптура

Гостивар, 4 јануари 2022 (МИА) Скулптура во метал, дело на гостиварскиот уметник Џезаир Реџепи од денес ќе стои на левиот брег на Вардар во Гостивар. Ова дело со висина од речиси пет метри стана сопственост на општина Гостивар по потпишување на меморандумот помеѓу локалната самоуправа и авторот.

На церемонијата за откривање на скулптурата наречена „Метафора на слободата“ присуствуваа повеќе уметници од градот. Реџепи за идејата да го подари ова дело рече дека со ова сака да личен поттик и мотивација до други автори да прават уметнички дела за отворен простор.

– Иако во Гостивар има многу уметници, сепак нема многу уметнички дела на отворен простор. Сметам дека со уметност се облагородува просторот, во кој престојуваме, особено кејот на Вардар и тој да стане своевидно уметничко катче, рече Реџепи.

Изработката на скулптурата финансиски е поддржана од Министерството за култура, а авторот ја работеше една година.

Благодарност во име на локалната власт и граѓаните искажа претседателот на Советот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани

– Ова е еден гест со кој се создава попријатен амбиент за гостиварци, но и подигање на културното ниво. Посакувам ова да биде мотив и за други уметници да творат слични проекти, рече Лимани.

Џезаир Реџепи е дипломиран скулптор на ДУТ и е вработен во Конзерваторскиот центар во Гостивар.

згм

Коментарите се затворени.