Општината и УСАИД ќе ја финансираат замената на прозорците во гостиварската гимназија
Гостивар, 17 февруари 2022. Наскоро ќе започне замена на прозорците на објектот на гостиварската гимназија. Локалната власт партнерски со УСАИД ќе ја финансираат инвестицијата вредна 3,5 милиони денари.
Со потпишувањето на меморандум за соработка, денес и официјално започнува проект со кој е предвидено да се замени столаријата на над осумдесет прозорски окна во средното општинско училиште Гостивар. За реновирањето во гостиварската гимназија обезбедени се средства од УСАИД од проектот Меѓуетничка интеграција на младите во образованието кое, како што беше кажано е продолжување на повеќе годишната меѓусебна соработка.
`- Денес потпишуваме меморандум за соработка со локалната самоуправа на партнерско ниво со кој е предвидено да се заменат прозорците во гимназијата. На овој начин ќе се создадат подобри услови за учениците, а преку личен пример и да дадеме пример како се гради соживот и обезбедува квалитетно образование, рече Небојша Илиевски раководител на проектот.
Одобрениот проект вреден околу 30 илјади американски долари влезе во конкуренција со над сто апликации и е еден од 12 кои се прифатени. За да се искористат поефикасно средствата, општината ќе вложи уште толку.
– Ние претходно конкуриравме и навистина е задоволство што ја добивме поддршката. За да бидат целосно искористени и во функција на подобрување на условите, општината ќе вложи сопствени средства. Тоа ќе биде повеќе од половината од добиените средства. Се надевам дека и овој проект ќе биде реализиран успешно, рече градоначалникот на општина Гостивар Арбен Таравари.
Со замената на старите прозорци, објектот на гимназијата ќе стане енергетски поефикасен и ќе се придонесе во заштеда на средствата за затоплување. По двонеделниот јавен повик ќе следува избор на изведувач и кон средината на април да се започне со работа.
Коментарите се затворени.