Водотеците во гостиварско порибени со 80 илјади парчиња рибен подмладок
Гостивар, 22 април 2022 (МИА) Спортското риболовно друштво „Баш Вардар“ деновиве ги заврши активностите за порибување на реките и водотеците со кои концесионира. Во реките, Вардар, Лакавица Боговињска и изворите Чегране е збогатен со околу 80 илјади парчиња речна пастрмка.
Енес Сејдини од СРЗ „Баш Вардар“, информираше дека го исполниле планот изминативе денови и извршиле порибување со сто килограми рибен подмладок.
– Порибувањето е дел од нашата обврска во ревирот од договорот што го имаме со министерот за Земјоделство, шумарство и водостопанство и беше спроведено под нивен надзор, рече Сејдини.
На граѓаните им препорача да се грижат за рибниот фонд и да не се користат со недозволени средства за риболов, бидејќи нивната чуварска служба кон таквите лица ќе примени санкции.
Тој повика ги на соработка, спортските риболовци, граѓаните надлежните служби и бизнис секторот да поведат повеќе сметка за зачувување на водите од загадување и таквите случаи да ги пријавуваат.
– Пожелно е граѓаните кои живеат околу реките да ја подигнат свеста за заштита на животната средина и да не испуштаат неконтролирано отпадни води. Важно е сопствениците на фабрики и индустриски погони да не ги излеваат отпадните води без да поминат низ процес на филтрирање. Уште поважно е инспекторатите да ги спроведуваат нивните надлежности, нагласи Сејдини.
СРЗ „Баш Вардар“ е концесионер од 2009 година и покрај организирањето на спортски риболов има обврска секоја година на врши порибување на повеќе водотеци во полошко.
Коментарите се затворени.