Тамара Волческа издаде нов сингл: „Choosing You“ (ВИДЕО)

Гостивар, 8 јули 2022 Гостиварката Тамара Волческа, деновиве ја издаде новата песна со наслов „Choosing You“. Официјалната промоција беше на 2 јули, како дел од прославата на нејзиниот 25-ти роденден и роденденот на четири години помалата сестра, актерката Теодора Волческа.

Нумерата „Choosing You“ е втор сингл на пејачката, која музичката критика ја нарече македонската Били Ајлиш, заради нејзиниот стил на пеење и сличностите во надворешниот изглед со оваа светска ѕвезда.

Како автор на емотивниот текст, се потпишува самата пејачка, музичкото обликување и аранжман се дело на Јордан Манов, а како продуцент повторно се јавува Весна Малинова.

Аудиозаписот е проследен и со видео, за кое Тамара вели дека е колаж од приказни претходно направени со мобилен телефон. Во него се појавуваат најблиските пријатели на Тамара.

„За спотот не размислував многу. Имав приказна во глава, која сакав што поскоро да ја споделам со сите. Тоа се луѓето што најмногу ги сакам“, вели Волческа.

Првиот сингл DO YOU REMEMBER кој беше објавен во февруари годинава помина одлично кај публиката и беше редовно на програмата на Radio G.

Песната на Тамара официјално ќе биде промовирана утре 9 јули (сабота) во 12 часот во емисијата „За прв пат на радио“ и ќе се емитува два пати на ден во останата програмска шема.

Во меѓувреме погледнете го видеото тука

Коментарите се затворени.