Полицијата ги советува граѓаните да се заштитат од измамници и џепчии

Гостивар, 1 ноември 2022 (МИА) – Со непосредни средби на градскиот пазар во Гостивар, полициските службеници од Отсекот за превенција на СВР Тетово им делеа совети на граѓаните како да се заштитат од џепни кражби и измамници. 

 Од СВР Тетово информираат дека во рамките на планираните превентивни активности полициски службеници го посетија гостиварскиот голем пазар и остварија непосредни средби со продавачите на земјоделски производи и граѓаните-купувачи. Низ разговор, им беше објаснето и советувано да внимаваат на нивните паричници и други вредни предмети кои ги носат со себе, зa да се заштитат од џепни кражби.

            – На граѓаните, им беше укажано и да бидат претпазливи во контакти со непознати лица кои на и околу пазарите им нудат производи со сомнително потекло и квалитет, но и разни други услуги, наведуваат од СВР Тетово.

Вакви средби ќе бидат реализирани и на другите пазари на поширокото полошко подрачје, во функција на подобрување на вкупната безбедност и намалување на имотните деликти и измамите.

Во изминатиов период имаше зачестени случаи на измами, во кои граѓаните се доведуваат во заблуда и даваат пари или вредни предмети на непознати лица. Некои пријавуваат дека се жртви на џепчии кои на вешт начин го користат невниманието на купувачите и доаѓаат до парите кои тие ги планирале за купување.

згм

Коментарите се затворени.