Состанок за вмрежување на локалните економски-социјални совети од шест општини
Гостивар, 29 ноември 2022 (МИА) – Претставници на локалните економско социјални совети (ЛЕСС) од општините Гостивар, Битола, Тетово, Ресен, Штип и Свети Николе одржаа работен состанок за нивно вмрежување. На состанокот во Гостивар низ дискусија се осврнаа на моментални активности, актуелните социо-економски случувања и можности за идно заедничко делување.
– Од дискусиите може да се извлече заклучок дека општините треба посериозно да ја сфатат улогата на ЛЕСС-овите како консултативно и советодавно тело за прашања поврзани со локалната економија, вработувањето на младите и потребите на пазарот на трудот, нагласи Љуљзим Хазири од Асоцијацијата за демократски иницијативи, организатор на настанот.
На состанокот, Дашмир Османи пред учесниците ги презентираше досегашните активности на ЛЕСС Гостивар.
Организаторите најавија уште еден ваков состанок што ќе се одржи во Свети Николе, по што ќе следува завршниот на национално ниво кон крајот на декември годинава.
Вмрежувањето на ЛЕСС се реализира преку соработката на невладините организации АДИ Гостивар и Младинскиот културен центар – Битола во рамките на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог во заедницата“ со поддршка на Меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.
згм
Коментарите се затворени.