Општина Гостивар формира работна група за изработка на локалниот акциски план за лица со посебни потреби
Гостивар, 3 декември 2022 (МИА) Шестчлена работна група ќе работи на креирање на локалниот акциски план за лица со посебни потреби на територијата на општина Гостивар. Иницијативата за формирање беше заокружена со потпишување на решението во кабинетот на градоначалникот Арбен Таравари, во рамките на одбележување на 3 Декември Светскиот ден на лицата со посебни потреби.
Од локалната самоуправа информираат дека Акцискиот план е насочен кон воспоставување на систем за процена на потребите на лицата со попреченост, утврдување на состојбата со пристапноста до институции и нивно движење низ градот.
– Согласно решението кој стапи во сила, овој стратешки документ ќе го подобри квалитетот на животот на лицата со посебни потреби, додека новоформираната група е задолжена да изготви акциски план за лицата со посебни потреби кој ќе ги содржи потребите, решенијата, целите и приоритети така што локалната власт и организациите на лица со различни потреби ја унапредуваат положбата на лицата со посебни потреби во заедницата, наведуваат од општина Гостивар.
Работната група која сочинуваат координаторот Африм Иљази и членовите Бујар Алиу, Јетмир Алиу, Маргарита Милошеска, Самир Грбле и Џеват Фејзули имаа состанок со првиот човек на општината на кој беа дадени основните насоки за нејзино делување.
Според најавите, работната група ќе ја усогласи и фактичката состојба на територијата на општина Гостивар со пристапност за лицата со посебни потреби, а важна задача во изработката на акцискиот план е изедначување на можностите за лицата со посебни потреби со воспоставување на специфичен систем за процена на потребите во согласност со правилото 5 од Стандардните правила на ОН.
Коментарите се затворени.