Изграден е нов бетонски канал кон ХЦ Врбен на местото на стариот кој беше урнат во свлечиште

Гостивар, 11 декември 2022  (МИА)   Воспоставен е протокот на водите низ новиот бетонскиот канал кон хидроелектраната Врбен, кој беше изграден по уривањето на стариот. Оштетувањето на седумдесетина години стар канал беше предизвикано од лизгање земјиштето на тешко достапен терен кон крајот на септември. Низ каналот веќе се пуштаат водите од трите најголеми зафати од доводот Горна Радика.

Од најголемиот хидроенергетски систем информираат дека деновиве се завршени земјените работи околу поставување на цевките за пропусти од пристапните патишта до каналот. Според нив, санацијата на хаваријата на доводот Горна Радика е успешна и завршена пред планираниот рок од 30 дена.

            – Во зафатот за санирање на настанатото оштетување се изгради нов бетонски канал во должина од 29 метри. Градежните работи со тешка механизација се одвиваа на 1.500м надморска висина, на ризичен терен со можни нови одрони на карпи и лизгања на земјиштето, наведуваат од АД ЕСМ

За да се спроведе интервенцијата, претходеше итна постапка со дозвола на Бирото за јавни набавки за избор на изведувач на работите, градежна фирма која по првичните подготовки веднаш почна да работи на терен.

 Хидроелектраната Врбен беше функционална, но со намален капацитет за производство поради намалениот доток, а отсега е вратена на претходната инсталирана моќ. Вишокот на води кои се собираа  за работа електраната се испуштаа во реката Радика и потоа во акумулацијата Шпилје, каде се искористуваа во тамошната хидроелектрана.

Лизгање на земјиштето од обилните врнежи на 27 септември предизвика попуштање на бетонскиот канал, изграден уште во 50-те години на минатиот век. Во тој период се започнало со градење на мрежата за собирање на водите од планинскиот масив на Кораб и Горнорадички слив. Хидроенергетскиот систем Маврово започна со работа 1957 година и во негов состав работат три хидроцентрали, Вртуок, Равен и Врбен.

згм

Коментарите се затворени.