Виктор Петков ќе настапи на Светското првенство во скијање во Франција
Гостивар 13 февруари 2023 Најуспешниот скијач од Гостивар, Виктор Петков денес отпатува за Франција на Светско првенство во скијање кое се одржува во Курсевел и Мерибел. Тој е член на македонската селекција која ја води селекторот Антонио Ристевски. Натпреварите во техничките дисциплини се закажани во термините од четврток до недела.
На Виктор Петков ова му е четврт настап на светско првенство, а на претходното одржано во Италија, го постигна најдобриот пласман, освојувајќи го 36 место во дисциплината велеслалом.
Од неговиот клуб „Сноу спорт“ пред заминувањето напоменаа дека секој постигнат резултат во главните натпревари ќе биде голем успех.
– Се надеваме на добри резултати и покрај условите кои ги имавме. Направивме голем напор за што подобри подготовки за претстојните предизвици. Лошото време и состојбата со мали количини на снег ги надополнивме со подготовки во Австрија, наведуваат од клубот на Петков.
Покрај Петков, во македонскиот табор уште се и Дардан Дехари, Мирко Лазарески, Јаков Добрески, Борјан Стрезоски и Јана Атанасовска.
Коментарите се затворени.