Заврши 21-от „Аматерскиот хуманитарен велеслалом“ собрани 12.000 евра

Маврово, 5 март 2023 (МИА) – Со прогласувањето на најуспешните, попладнево беше затворена спортско-хуманитарната манифестација „Аматерски хуманитарен велеслалом“. Годинава се собраа над 750 илјади денари кои ќе бидат донирани на Здружението Асоцијација за цистична фиброза (АЦФ).

На 21-от „Аматерски хуманитарен велеслалом“ учествуваа вкупно 179 скијачи и сноубордери како претставници на 26 компании, поделени во 61 тим.

Во изминативе три денови (од 3 до 5 март) на ски терените на планината Бистра се одржаа квалификации и финални трки во скијање и сноуборд во машка и женска конкуренција. Секој тим имаше по тројца натпреварувачи и за нивна котизација се уплаќаа по 12 илјади денари.

Од организаторот, „Ресорт Маврово“ искажаа срдечна благодарност до учесниците и задоволство од одзивот и собраните средства.

            – Радува фактот дека покрај компаниите кои од самиот почеток редовни учесници, се приклучуваат и нови. На таков начин до израз доаѓа крајната цел на оваа манифестација и се шири нејзината мисија, да се помогне таму каде што навистина е потребно и неопходно, рече Огнен Циговски, од ски-ресортот Маврово.

Учесниците изминативе три дена покрај покажаниот натпреварувачки дух, меѓусебно се дружеа низ содржините кои организаторот ги подготви во богата програма.

Манифестација АХМ, изминативе две децении во Маврово ги вклучува бизнис секторот и општествено одговорните компании да спортуваат и финансиски да придонесат во помагањето на поединци, здруженија и организации во Македонија.

згм

Коментарите се затворени.