Кампањата за јакнење на довербата помеѓу полицијата и заедницата во Гостивар

Гостивар, 1 април 2023 (МИА) – Во рамките на оваа кампања, чии носители се МВР, Македонскиот полициски синдикат и СВР Тетово на градскиот плоштад во Гостивар беше организирана превентивно-информативна активност. На граѓаните им се делеа наменски изработени летоци.

– Во непосредни разговори со нив тие се запознаа со принципите на полициското работење како круцијално значајно за воспоставување на ефикасен двонасочен партнерски однос фундиран на доверба и навремено детектирање и справување со криминалот во заедницата. Сето ова е во функција на поголема безбедност и поквалитетен живот на граѓаните, рече портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

Граѓаните во Гостивар, исто така, се информираа и за главните цели на полициското работење, за практичните активности реализирани во заедницата кои се координирани со локалните совети за превенција и советодавните групи на граѓани. Покрај ова полициските службеници ги објаснија и услугите што им ги нуди МВР, како сервис на граѓаните.

Портпаролот Јосифовски напомена дека како резултат на соработката последниве години на подрачјето на СВР Тетово има намален криминалитет и таканаречениот сериозен криминал. Вакви активности минатиот викенд беа организирани и во Тетово, кога всушност и стартуваше кампањата во осумте сектори за внатрешни работи во нашата земја.

згм

Коментарите се затворени.