Се зголемуваат на капацитетите за згрижување на претшколски деца
Гостивар, 2 април 2023 (МИА) – Зголемувањето на капацитетите во постоечките градинки и отворање на нови и натаму е еден од приоритетите на гостиварската локална самоуправа и со тоа им се олеснува на родителите и младите мајки. Ова го кажа градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари по увидот на работите во градинката „Цветови“ во Гостивар, каде најави изградба на уште еден објект.
Таравари придружуван од соработниците се запозна со работењето на установата во чиј склоп делуваат градинките и за планираните вложувања.
– Работите на овој објект се во завршна фаза и се надевам дека до крајот на мај ќе биде предаден во употреба. Откако раководиме со општината ова е петта градинка што ја отвораме, а во програмата ветивме четири и задоволен сум што го надминавме ветеното, рече градоначалникот Таравари.
Новиот објект кој има површина од околу 450 квадратни метри ќе биде во склоп на градинката „Цветови“ и ќе има капацитет за згрижување на околу сто дечиња.
Оваа инвестиција на општината е проект на Секторот за образование и во соработка со Министерството за труд и социјална политика. Средствата се обезбедени преку програмата „Проект за подобрување на социјалните услуги“, како грант за креирање на дополнителни места во установите за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст, финансиран од Светска банка.
Првиот човек на општина Гостивар најави дека пред есен ќе се започне со изградба на нова градинка во населбата „Шеста зона“ со што, како што напомена ќе се намали бројката на деца кои се наоѓаат на списокот на чекање која во моментов е околу 300.
Таравари како дополнителен проблем го посочи и добивањето на согласности за нови вработувања со што би се обезбедил поголем опфат на деца во градинките
– Секако, за новите градинки потребен и е нов кадар. Постои одреден отпор, грч во Министерството за финансии од каде не даваат одобрувања за нови вработувања, па дури и за пополнување на местата на пензионираните. Ние сме принудени како општина, тоа да го правиме со договори за дело. Очекувам да наидеме на разбирање и да се реши и ова прашање, рече Таравари.
Во градинки на територијата на општина Гостивар во моментов се згрижени околу 700 деца.
згм
Коментарите се затворени.