Проектот „Подобрување на системот за водоснабдување во општина Гостивар“ влегува во завршна фаза
Гостивар 28 април 2023 (МИА) Еден од најголемите инфраструктурни зафати во општина Гостивар кој ќе го подобри системот за водоснабдување влегува во завршна фаза. Оценката доаѓа по средбата на раководството на локалната самоуправа и претставниците на Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања СЕКО (SECO).
Од општина Гостивар информираат дека на вчерашната средба градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари и заменик-раководителот на Секторот за инфраструктурно финансирање на СЕКО, Саниел Брудерер, било разговарано за текот на реализацијата на проектот „Подобрување на системот за водоснабдување во општина Гостивар“ и можностите за натамошна соработка.
– Целта на посетата беше да се увидат работите од последната фаза, бидејќи проектот СЕКО при крај, наведуваат од општина Гостивар.
На средбата на тема на разговор беше и регионалната депонија Русино и работењето на ЈП Русино-Полог, а директорот Бесим Догани презентираше дел од инвестициите кои се направени во оваа депонија.
Градоначалникот Таравари искажа задоволство и им се заблагодари на гостите за соработката и финансиската поддршка и изрази надеж дека по завршувањето на овој проект во иднина ќе се соработува на други проекти
Општина Гостивар изминативе пет години преку ЈП „Комуналец“ спроведува проект од витално значење вреден над седум милиони евра. Неговата реализација се одвива со грант од SECO и кредит од германската банка KFW. Со овој инфраструктурен зафат предвидена е замена на цевководите од доводните линии, замена на дотрајани елементи, изградба на резервоари со поголем капацитет. Крајната цел е да се постигне поефикасно водоснабдување на корисниците и намалување на загубите кои го отежнуваа редовното водоснабдување со вода за пиење.
Со модернизацијата на водоводната мрежа, се очекува непрекинато снабдување со доволни количини вода за пиење, освен градското подрачје да има и за селата Здуње, Дебреше, Чајле, Форино, Чегране, Горна и Долна Бањица, Беловиште, Балиндол, Стар Балиндол, како и населбите Циглана, Фазанерија, седма и осма зона.
Коментарите се затворени.