Гостиварски театар: Премиерата на „Чорба од канаринец“ во петок
Гостивар, 17 мај 2023 – Последниот проект на Гостиварски театар, претставата „Чорба од канаринец“ влезе во завршницата на подготовките. Од разговорот со актерите и режисерот на една од последните проби разбравме дека оваа „театарска чорба“ се подготвува повеќе од еден месец. За содржината на претставата и дел од разговорот може да слушнете на RADIO G во прилогот кој ќе се емитува утре 18 мај во 12:00 часот.
Режисерот Игор Ивковиќ ја пофали екипата која работи на реализацијата и очекува успешна претстава.
– Темата на текстот бракот и дилемите кои се отвораат за и околу бракот. Имајќи ги предвид социјалните околности во кои живееме, со што се соочуваме, административните обврски, деца, живот на брзи заеми и какви предизвици носи заедничкиот живот, рече режисерот Ивковиќ.
Нов лик и нова претстава во матичниот театар се предизвик и за Ирена Илиевска. Во нејзината улога на Јелена може да се препознаат повеќето млади жени и идни сопруги.
Марко Дојоски појаснува дека за најновата улога се соочил со актерски предизвик со оглед дека ќе има повеќе трансформации. Во улогата на повозрасен професор кој треба да се ожени, тој го отвора светот на мажите и нивниот поглед на заедничкиот живот.
Во оваа комедија „Чорба од Канаринец“ по текстот на Милош Радовиќ, улогите ги добија актерите Ирена Илиевска и Марко Дојоски, сценографијата и костимите се на Бранкица Јордановска, а за музички соработник беше избран Миодраг Костиќ.
Претставата „ЧОРБА ОД КАНАРИНЕЦ“ ќе има две изведби:
ПРЕМИЕРА 19.05.2023 (петок) во 20:00 и реприза 20.05.2023 (сабота) во 20:00ч.
Претставата е наменета за публика +14
Коментарите се затворени.