Меѓународен поетски фестивал „Литературни искри“: Гран при за Сара Ѓорѓијоска
Гостивар, 21 мај 2023 (МИА) – Поетесата Сара Ѓорѓијоска од Куманово ја осови највисоката нагарда на десеттото издание на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ што се одржа во Гостивар.
Жири комисијата на овогодишното издание, во состав: Маја Апостолоска претседател и членовите Бранко Цветковски и Слаѓана Брезовска, за најдобар странски автор ја прогласи Александра Вујишиќ од Подгорица,Црна Гора. Првата награда ѝ припадна на Лидија Размоска Тримовска од Скопје, втората на Силвана Димитриевска од Скопје, а третата награда на Анета Велкоска Ода од Скопје. За најуспешна млада искра е прогласена седумнаесет годишната Марија Јанчевска од Скопје.
Пред свеченото доделување на наградите во Центарот за култура во Гостивар, дванаестте финалисти ги прочитаа нивните дела со кои учестуваа на конкурсот. Оваа година во две возрасни категории се пријавија 184 поети од Македонија, Словенија, Романија, Албанија, Србија, Хрватска и Црна Гора.
Во склоп на манифестацијата беше промовирана најновата заедничка поетска збирка „Литературни искри“ 2023. Организаторите на фестивалот, традиционално на наградените поети им доделија плакети, а на останатите финалисти и застапени автори во заедничката поетска збирка им додели дипломи.
Поетскиот фестивал „Литературни искри“ се одржува во чест на 24-ти мај, денот на првите македонски просветители Светите браќа Кирил и Методиј, а реализацијата на овогодишното издание беше поддржано од Министерство за култура и Општина Гостивар.
згм
Коментарите се затворени.