ВМРО ДПМНЕ и СДСМ најавија помош за посодржајна и мултиетничка програма на петтиот „Парк Фестивал“
Гостивар, 30 мај 2023 Претставниците на македонските партии во советот на општина Гостивар на последната седница на точката за давање финансиска поддршка на манифестацијата Парк Фестивал/The Park festival најавија дополнителни средства и помош за да се задржи мултиетничкиот карактер и дополнување на програмата.
Точката на дневен ред која за која советниците расправаа, дојде како дополнување, откако пристигнало барање од организаторот „Инбокс продукција“. Нивното барање се однесуваше на финансиска помош од 800 илјади денари за покривање на трошоци околу организацијата и активностите поврзани со фестивалот. Пред советниците беше образложено дека оваа година, поддршката на Министерството за култура е драстично намалена и ги принудила организаторите да размислуваат за намалување на програмата или да се откаже во целост. Беше напоменато дека покрај активностите кои ја следат оваа манифестација, намалувањето на поддршката најмногу ќе влијаеле на програмата за концертите и настапите на музички ѕвезди.
Во дискусијата беше појаснето дека во барањето бил наведен само концертот на Елвана Ѓата и нејзиниот бенд.
Советничката Ема Нешковска побара од организаторите во програмата да вметнат и артисти од другите етнички заедници.
– Јас навистина разбирам дека главниот проблем се ограничените финансии и буџет, но, тоа не треба да биде изговор во програмата да не се вклучат музичари и изведувачи од различни етникуми и таа да го отслика мултикултурализмот кој е специфика на Гостивар. Во контекст на тоа, од организаторите барам да се измени и дополни програмата и да бидат предвидени изведувачи, музичари и артисти, македонци турци, роми. Граѓаните треба да се чувствуваат ценети и почитувани, а и ние како членови на советот кои треба да гласаме за предлогот, да бидеме задоволни дека сме направиле нешто корисно за сите граѓани, за цел град, со парите од истите тие граѓани, рече Нешковска.
Во дискусиите беше напоменато дека ќе се бараат и разгледаат и други можности за дополнително финансирање за проширување на понудата во програмата.
Во репликата на претставничката на ИнБокс беше наведено дека немаат проблем да ангажираат македонски бендови и артисти, а тоа го покажале и во минатото кога ангажирале неколку македонски изведувачи. Таа повтори дека тие биле принудени да ја скусат програмата, но дека ќе ги имаат предвид забелешките и сугестиите и ќе се потрудат да ги испочитуваат.
Конкретен предлог и помош за задржување на мултиетничкиот карактер на фестивалот даде советникот и координатор на ВМРО ДПМНЕ, Гоце Димовски, критикувајќи ја извршната власт дека трошела пари за непродуктивни трошоци и со тоа директно влијае врз културата .
– Со оглед на фактот дека Министерството за култура, немало пари за да обезбеди настап на македонска група, а организаторите во образложението велат дека од тие причини тоа не го предвиделе, нудиме решение. Како претставник на ВМРО ДПМНЕ се нудиме да најдеме средства и да овозможиме настап на локална македонска музичка група, рече Димовски.
Со одлука на советот годинешното издание на „Тhe Park festival“ ќе биде поддржано од општината со близу 12 илјади евра.
Коментарите се затворени.