Отворена средба на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) со граѓанскиот сектор и локалните институции од градот и неговата околина.
Гостивар, 6 јули 2023 (МИА) Како и каде може да се пријави дискриминација и од каде да се бара помош беа тема на отворената средба на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) со претставници на локалната самоуправа, училишта, граѓански здруженија, институции и граѓани од Гостивар.
Членот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) Игор Јадровски напомена дека, граѓаните на ваквите настани со кои се доближува и децентрализира работата на Комисијата и се информираат за начинот на пријавување.
– На овој начин укажуваме и информираме за Законот за спречување и заштитата од дискриминација, донесен уште 2010 година. Очекуваме, по овие средби сите што сметаат дека се дискриминирани, да се охрабрат и да пријават таков случај, рече Игор Јадровски.
Во дискусиите, граѓаните и активистите на граѓанските организации кои дејствуваат на територијата на општина Гостивар имаа можност, преку директна комуникација со членови и вработени во КСЗД, да се запознаат со надлежностите и начинот на работа на ова независно институционално тело, задолжено за промоција на еднаквоста, унапредување на човековите права и спречување и заштита од секаков вид дискриминација.
На трибината која се одржа во iCan центарот беше кажано дека општина Гостивар е една од општините од каде што сè уште нема доставено пријави до Комисијата за спречување на дискриминација (КСЗД). Локалната самоуправа планира наскоро да постави посебни линкови на официјалната веб-страница со обрасци за пријавување на дискриминација.
Во рамки на новиот циклус „Отворени средби“ на КСЗД со граѓанскиот сектор, до крајот на оваа година планирано е одржување на настани во девет градови низ државата. Отворените средби се реализираа со поддршка од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Гостивар беше вториот град во низата настани. Следната средба е закажана за 13 јули во Гевгелија.
Коментарите се затворени.