Годинава до манастирот Св. Преображение Христово по асфалтен пат
Гостивар, 16 август 2023 – Празнувањето на православниот празник „Преображение Христово“ во населбата Циглана, годинава ќе биде посвечено. Покрај програмата, причина повеќе е асфалтирањето на делницата која води директно до манастирот.
Од иницијативниот одбор за изградба на манастирот информираа дека деновиве е асфалтирана делницата од патот што води до светилиштето и посочуваат дека се заокружени градежните работи за уредување на патната инфраструктура. Овој зафат во значителна мера ќе го олесни пристапот за верниците и градежниците кои работат на доуредување на комплексот.
– Манастирот деновиве доби асфалтиран пат по кој добронамерниците ќе можат полесно и побезбедно да го посетат ова место кое треба да ги зближува луѓето. Вербата во Бога и пожртвуваноста на локалното население годиниве наназад придонесе манастирот полека да го добива својот лик. Патот беше една од препреките која значително го отежнуваше функционирањето. Изразуваме искрена благодарност до сите кои се вклучија и придонесоа за надминување на овој проблем, наведуваат од иницијативниот одбор за изградба на манастирот.
Годинешното одбележување на празникот ќе започне вечерта на 18 август со настапите на Влатко Лозаноски, Наум Петрески, Зуица Лазова и групата „Фантастик бенд“. Празнувањето на патронот на манастирот Свето Преображение Христово во Циглана ќе продолжи утредента, на 19 август од 10 часот со мал водосвет и благословување на кумските лебови. Веселбата ќе биде дополнета со музичка програма на групата „Агресив бенд“.
Изградбата на светилиштето во населбата Циглана започна со осветување на темелите во 2014 година.
Коментарите се затворени.