In Memoriam: Ферид Мурад (1936-2023)
Гостивар, 20 септември 2023 – Со комеморативен собир во салата на советот на општина Гостивар, синоќа беше оддадена последна почит на неодамна починатиот нобеловец, д-р Ферид Мурад. Последните пораки со простување, до научникот со гостиварско потекло, гостиварци ги запишаа во книга на жалоста.
Градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари потсети на научните достигнувања и на потеклото на овој научник, чиј татко е родум од селото Лакавица.
– Се сеќавам само дека во 1998 година му беше доделена најголемата награда за наука во светот, како што е Нобеловата награда за медицина и физиологија. Неговите студии и откритија сè уште се дел од работата на лабораториите кои се на пат да создадат таблети и терапии за болести кои засега се неизлечиви, рече Таравари.
На комеморацијата за Мурад зборуваше и академик Алајдин Абази кој во обраќањето зборуваше за значењето на овој научник во светски рамки. Тој порача да се преземат иницијативи за зачувување на неговиот лик и дело, а како примери ги посочи автопатот Гостивар – Тетово да биде именуван со името на нобеловецот, а во изучувањето на медицината да се посвети и еден дел за неговата научна работа.
Нобеловата награда за физиологија и медицина му беше врачена за научниот труд „Откривањето на улогата на азотен оксид како сигнална молекула во регулирањето на кардиоваскуларниот систем“ во 1998 година заедно со уште двајца научници Роберт Фечгот и Луис Игнаро. Последен пат, нобеловецот го посети Гостивар со неговото семејство во 2018 година и присуствуваше на церемонијата за преименување на општа болница во Гостивар, која отогаш го носи неговото име.
Таткото на нобеловецот Џабир Мурад Ејупи, емигрирал 18 години и во 1014 година го започнал печалбарскиот живот во САД низ повеќе градови. Со неговата сопруга Хенриета Џозефин Бауман добиле три деца, а најстар бил Ферид. Д-р Ферид Мурад е роден на 14 септември 1936 Вајтинг, Индијана, САД. Почина на 4 септември, на 86 годишна возраст во Менло Парк, Калифорнија.
Коментарите се затворени.