Со марш по пешачка патека одбележан Меѓународниот ден на пешачењето во природата

Гостивар, 14 октомври 2023 (МИА) Во пресрет на 15 октомври, Меѓународниот ден на пешачењето во природа, група средношколци и вработени во општинската администрација спроведоа во марш по пешачката патека од кејот на Вардар до селото Равен. Локалната самоуправа во соработка со Сојузот на училишни спортови претпладнево ја организираше пешачката тура за да ги поттикне младите на физички активности и да промовира дел од пешачките патеки низ општината.

Градоначалникот, Арбен Таравари им се приклучи на ученици од четирите средни училишта и во оваа прилика нагласи дека ваквите активности помагаат во подигнувањето на свеста за важноста од престојот во природата и зачувување на животната средина и здравјето.

– Ја прифативме поканата на наставниците по физичка култура и заедно со учениците ќе изодиме по една патека. На тој начин да потсетиме дека освен, познатата патека по кејот на Вардар, која е најкористена, има и други кои се наоѓаат во околните села, особено планинските. Нив често ги користат и посетителите од други градови. Иницијативата е добра, бидејќи на тој начин ги оддалечуваме децата од модерната технологија, компјутери, паметните телефони, феномен кој станува опасен по нивното здравје, рече градоначалникот на општина Гостивар, Арбен Таравари.

Бурим Бешири, од сојузот на училишни спортови напомена дека Меѓународниот ден на пешачење во природа е убава можност да се промовирање активизмот кај младите и создавање на корисни навики.

– Пешачењето во природа освен како спорт, нуди посебно задоволство од престојот во природа и движењето по патеки кои делуваат благопријатно на здравјето и телото, рече Бурим Бешири од локалниот Сојуз на училишно спортови.

Маршот, започна од паркот пред средното економско училиште, а групата помина по левиот брег на Вардар до селото Равен, по патеката која има должина околу осум километри.

Коментарите се затворени.