ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ фаќа чекор со нова кампања „Биди кул, стани играорец“
Гостивар, 14 номеври 2023 – Градското културно уметничко друштво „Браќа Ѓиноски“ започна кампања „Биди кул, стани играорец“ која треба да внесе новини во фолклорната секција, како во кореографиите, така и за зголемување на бројот на игроорци. Претседателот на друштвото Предраг Ристески во разговорот за Radio G открива дел плановите кои пред сè, се насочени во збогатување на концертната програма и вклучување на помлади членови кои во иднина ќе го „носат“ репертоарот. Ристески напоменува дека во текот на оваа 2023 година, покрај новостите се соочиле и со низа предизвици.
– Ова беше година во која ги преструктуиравме првите редови, давајќи простор на помладите долгогодишни членови да преземат поголем дел од одговорноста. За наредната 2024 имаме во план тие промени да бидат повидливи и за нашата верна публика. Покрај веќе редовните сплетови во нашиот репертоар почнавме со подготовка и на неколку преработки на сплетови во женска верзија. Сето тоа поради многу малиот одзив на машки членови кои сакаат да играат, вели Ристески.
Согледувајќи ги состојбите, во ГАКУД решиле да фатат чекор и да почнат со реализација на идеја и со кампања да привлечат повеќе членови. Покрај соочувањето на традицијата, се води грижа и за физичката активност на децата на помала возраст.
– Идејата на која лежи целата оваа кампања што ја започнавме има за цел формирање на нови групи од детскиот фолклор. Таму ќе се работат вежби и сплетови наменети за нивната возраст, кои меѓу другото многу позитивно влијаат на целокупниот ментален и физички развој кај децата. Тоа е важно со оглед дека во денешно време дечињата од најмала возраст се целосно внесени во мобилните телефони и модерните технологии. Вежбите на македонските традиционални ора, како и ставот кој ќе го заземат играјќи, безмалку во целост може да ја надополни секојдневната неактивност, вели Предраг Ристески претседател на ГАКУД „Браќа Ѓиноски“
Освен засилување на детскиот фолклор, се планира и возобновување на неколку кореографии кои ги изведуваат машки игроорци. Такви се ората: „Комитско“, “Шопска петорка“, па и да се постави „Тешкото“, симбол на македонскиот непокор.
– За да успееме во плановите, потребно е да се прошири првата постава, која засега е составена само од девојки. Од кампањата очекуваме да ни се приклучат и талентирани игроорци тинејџери, подвлекува Ристески.
Тој упати повик до родителите да ги поттикнат децата и да ги пријават во наредниот период, со оглед дека зачленувањето до крајот на годинава ќе биде бесплатно.
Детскиот фолклор на „Браќа Ѓиноски“ одржува проби секоја сабота од 12.00 часот во просториите на друштвото во некогашниот „пионерски дом“, а првиот состав секој понеделник, среда и петок.
Коментарите се затворени.