Иновативни канти за догорчиња поставени на неколку локации
Гостивар, 19 мај 2024 – Здружението „Центар за развој на медиумите на заедниците – Гостивар“ презеде оригинална иницијатива за соодветно складирање на отпадоците од цигарите. На неколку локации поставија канти за отпадоци со прашања на натписите.
Од здружението „Медиум“ појаснуваат дека станува збор за метални садови кои се приспособливи пепелници и наликуваат на гласачки кутии. На ваков начин пушачите може да „гласаат“ со ставање на догорчето според претпочитаниот одговор на следните прашања: Што сакам повеќе: кино или театар? Што е повкусно: пица или бурек?; Повеќе сакам да: пешачам или да ловам риби?
Добринка Стојановска, претседател на здружението МЕДИУМ смета дека селектирањето на отпушоците може да биде поттик и за преземање на нареден чекор, а тоа е нивно рециклирање и посочи неколку примери во развиениот свет, каде ваквиот отпаден материјал се користи за правење на асфалт за патишта.
– На територијата на општина Гостивар, тешко дека постои некое јавно место на кое нема да наидете на фрлени отпушоци – од пешачки патеки, автобуски станици, паркови, па дури и реката Вардар е загадена со овој штетен отпад. Преку поставувањето на вакви корпи за отпушоци низ повеќе прометни места, се надеваме дека ќе поттикнеме промена на навиките на пушачите за да се намали отпадот од цигарите во општина Гостивар и да се постигне повисоко ниво на свесност за локалните еко проблеми, вели Стојановска.
Поставувањето на иновативните канти е еко-активност во рамки на проектот „Чист град за чиста иднина“ имплементиран од Центар за развој на медиумите на заедниците МЕДИУМ, во рамки на програмата за подгрантирање на проектот „Младински активизам за позелени општини, имплементиран од Македонското здружение на млади правници, Здружението за одржлив развој и заштита на животна средина ГоуГрин Скопје, Центарот за климатски промени и Здружението на млади Креактив, а е финансиски поддржан од Европската унија.
Коментарите се затворени.