Интервју со диџејот CHRISTIAN KHIARAN: ЕЛЕКТРОНСКАТА МУЗИКА ЈА ПОВРЗУВАМ СО БАЛКАНСКИТЕ КОРЕНИ
„Електронските звуци во фузија со исечоци од балкански славјански извици според мене се перфектна комбинација за нашите простори“, вели диџејот за своето прво издание кое во текот на јуни ќе ја има својата промоција
Интервјуто го водеше: Иван Анастасоски
CHRISTIAN KHIARAN е македонски диџеј од Гостивар, којшто зад себе има респектабилен број на настапи не само во овој град, туку и во други делови од земјава. Во текот на месецов, тој ќе ја промовира својата прва трака, а во интервјуто за Радио ЏИ/RADIO G вели дека неговата филозофија при создавањето музика е да биде најдобрата верзија од себе и никој друг. Со Христијан разговаравме и за инспирацијата што ја црпи од други жанрови и артисти, како и за неговиот интерактивен однос како музичар кон публиката. Целосното интервју следи во продолжение:
Радио ЏИ/ RADIO G: Денешното интервју е со убав повод, а тоа е твојата прва трака која што ќе се промовира во текот на јуни. Што може да очекува публиката во музичкиот производ што ќе ѝго понудиш?
CHRISTIAN KHIARAN: Како за прво издание, важно ми беше траката во најмал случај да содржи некој си балкански печат поради моите корени и тоа од каде доаѓам. Електронските звуци во фузија со исечоци од балкански славјански извици според мене се перфектна комбинација за нашите простори. Траката е длабока, но движечка, звукот има агресивен дизајн само за да биде припитомен од женски хор кој доаѓа од наши простори.
Радио Г/RADIO G: Како го опишуваш твојот личен музички стил и идентитет? Има ли некои жанрови или артисти кои влијаеле или влијаат на твојата музика?
CHRISTIAN KHIARAN: Со само една трака во мојот каталог сметам дека е рано да кажам збор-два за мојот музички идентитет, но конкретно во неа, кога станува збор за дизајнот на еден од главните синтисајзери во траката, се слуша влијание од ARTBAT. Структурно и начинот на кој е вклопен хорот во електронските звуци е инспириран од ARGY. Мојот ‘твист’ на инспирацијата со која работев е долг и раскошен брејкдаун, кој нè носи во друга димензија пред да се навратиме со движењето на климаксот, придружен од долга и исчекувачка градација.
Радио Г/RADIO G: Како ја создаваш и одржуваш твојата комуникација со публиката за време на настап?
CHRISTIAN KHIARAN: Преку музиката.
Радио Г/RADIO G: Само преку музиката? Дали постои некој друг начин? На пример: користење на микрофон во одредени моменти, раце горе, 3,2,1 и слично?
CHRISTIAN KHIARAN: За мене единствениот начин за комуникација со публика е преку фреквенции на музика. Преферирам да бидам фокусиран и внесен во мојот настап. Нема простор за ништо друго ако се водиш по овој метод. Единствено би имал простор во случај со готов mash-up од интернет што е дело на некој друг артист, но тоа не е мојот стил и не гледам причина зошто би креирал слободен простор за друга цел освен мојот диџеј-сет. Мојот контакт со публиката е само преку енергијата која ја носи мојата музика.
Радио Г/RADIO G: Како дел од промотивната програма за твоето прво издание имаш ‘лајв’ снимка од диџеј-сет во гостиварскиот Амфитеатар. Како дојде до таа идеја?
CHRISTIAN KHIARAN: Амфитеатарот ми е едно од омилените места во нашиот град. Неговата сценографија целосно се вклопува со мојата музика. Пред една година ми беше потврдено тоа додека настапував таму. Тогаш вистински го видов неговиот потенцијал и од тогаш барав повод за да снимам соло настап со таква тема. Тој не ми служи само за музичка колаборација, туку понекогаш знам да појдам сам во потрага по инспирација. Ја знам и неговата историја, бидејќи мој близок роднина бил ангажиран за неговата изградба. После овој настап, во Амфитеатарот се чувствувам како дома.
Радио Г/RADIO G: Каква диџеј-опрема користиш и какво влијание има таа врз твојот настап?
CHRISTIAN KHIARAN: Секако дека опремата има одредено влијание, но тоа не е пресудно. Не е важно каква диџеј-опрема имаш, туку што правиш со неа. На крајот од денот, потребни ни се само два канали, едниот свири во моментот, а другиот го одредува следниот момент. Диџеј-опремата е само алатка која служи како преведувач од нашиот ум кон публиката.
Радио Г/RADIO G: Кои се актуелните трендови во електронската музика во моментов и на кој начин мислиш дека диџеите треба да се адаптираат на нив?
CHRISTIAN KHIARAN: Мојата филозофија е дека можеш да бидеш само најдобрата верзија од себе и никој друг, затоа би избегнал секакви трендови и би креирал нешто што произлегува од мојот стил и карактер.
Оваа новинарска сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија. Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на Центар за развој на медиумите на заедниците МЕДИУМ и не нужно ги одразува гледиштата на Европската Унија.
Коментарите се затворени.