Цензурираната верзија на „Битанга и принцеза“ конечно меѓу фановите

Гостивар 1 јули 2024 –  Најголемата дискографска куќа во регионот, Кроација рекордс/Croatia Records,  ја претстави новата, досега нечуена и невидена верзија на албумот „Битанга и принцеза“ на групата „Бијело дугме“.
Четвртиот албум на оваа група, кој се смета за еден од најдобрите, наскоро ќе биде во продажба запакуван во ново звучно и визуелно руво. Според интересот од предпродажбата, ова издание е вистинска мамка како за фановите, така и за дискофилите.
Според информациите кои доаѓаат од издавачот, за повторно миксање на албумот се користени оригиналните 24 канални ленти, кои се зачувани во архивата на Croatia Records. Студискиот материјал го миксаше тонскиот волшебник Горан Мартинац.
Инаку, винилното издание на албумот „Битанга и принцеза“ е режано во студиото Abbey Road во Лондон, од страна на Шон Меги, кој е добитник на Греми награда за звук.

Бијело дугме 1979 година

– Следејќи го примерот на Битлси, но и она што веќе стана светскиот тренд на ремиксирање на одлични, легендарни албуми, се одлучивме на опасен, но предизвикувачки потфат. „Битанга и принцеза“ е секако еден од најдобро одсвирените, најдобро снимените, најдобро смиксани албуми на просторот на поранешната држава. Но, новите технологии носат нови можности, па „Битанга и принцеза 2024“ звучи почисто и поприсутно, се наведува во информацијата. Сепак, како се потенцира, задржан е оригиналниот звук и баланс на инструментите.
Тонецот, Горан Мартинац посочува дека на новата верзија на албумот е вратена и цензурираната реплика од песната „Ала је глупо заборавит њен број“ – „…а који ми је мој?“- Во оригиналот, поради техниките на снимање и микрофоните од тоа време, имаше многу „билдање“ на елементите од тапаните, па поради ова, мајсторите на оригиналниот тон, Ник Глени Смит и Раде Ерцеговац, имаа проблеми со цврстина на самата ритам секција. Денешната технологија на миксање ни го олеснува справувањето со овие проблеми – објаснува Горан Мартинац.


Според најавите, новата „Битанга и принцеза“ доаѓа на 180-грамскиот винил и со картичка за песните во MP3 верзии. Покрај стерео верзиите на миксовите, за дигитални услуги подготвена е и верзијата Dolby Atmos, како и хибридното Super Audio CD со HiRes Stereo верзија, а има и 5.1 сараунд микс мастериран од Сајмон Гибсон во легендарното студио Abbey Road студио.

Првата верзија на омотот кој е цензуриран

Првите впечатоци од преслушувањето на материјалот, според познавачите е дека гитарите на Бреговиќ се во преден план, а одлично се слушаат и придружните вокали на македонската пејачка Маја Оџаклиевска.
Значајно за ова издание и високо оценото од дикофилите е што јубилејното издание на „Битанга и принцеза“ доаѓа со оригиналната, цензурирана обвивка која ја изработил Драган С. Стефановиќ!
– Омотот на „Битанга и принцеза “ беше малку „дрзок“ во својата порака, но беше покриен со убава и елегантна слика. Идејата беше едноставно низок удар на девојката (принцезата) упатен до некој нејзин близок (битангата), со кој е во одредена корелација. Но, самата врска е заменета: принцезата е облечена како уличарка, па така и реагира, додека мажот е убаво облечен, речиси џентлменски, со однесување како младоженец – во бел костум, тој се штити, наместо да напаѓа. Кога слушнав дека е цензурирана мојата верзија на обвивката, а и забранета за објавување, се почувствував повреден, открива авторот на забранетиот дизајн за омотот на албумот.
Стефановиќ наведува дека на самата слика немало ништо визуелно непристојно или вулгарно, само идејата беше провокативна. Тој вели дека е пријатно е изненаден од понуда на Croatia Records повторно да учествува во проектот со „забранетата слика“ на речиси заборавената корица.

– Нивната отвореност и подготвеност да исполнат сé што е потребно ме обврза да се обидам да направам нешто на работ од возможното. Со помош на Дарко Кујунџиќ, успеавме сликата да ја направиме повторно автентична и оригинална. „Забранета слика“ сега се врати пред публиката и многу сум среќен – открива дизајнерот Драган С. Стефановиќ.
За потсетување, албумот „Битанга и принцеза“ содржи седум одлични песни – “Na zadnjem sjedištu mog auta”, “Ala je glupo zaboravit njen broj”, “Bitanga i princeza”, “A koliko si ih imala do sad” te emotivne balade “Kad zaboraviš juli”, “Ipak poželim neko pismo” и “Sve će to mila moja prekriti ružmarin, snjegovi i šaš” како придружба се симфониски оркестар и хор.

старо-новите омоти на албумот од винилот и ЦД-то

Првиот вокалист на Бијело дугме, Жељко Бебек во неколку наврати рекол дека  албумот „Битанга и принцеза“ е едно од најинтересните остварувања во целокупната продукција на Бијело дугме.

– Јас лично го гледам како мое ултимативно достигнување во далечните седумдесетти, изјави Бебек.Следејќи ги светските трендови во дискографијата, Croatia Records претставува одлични легендарни изданија на технолошки најмодерен начин.

– Феноменот на Бијело дугме и по 50 години од нивното појавување веројатно не може да се повтори во ниту еден сегмент. Од нивното основање тие се институција која со своите активности ја промени дискографијата на овие простори на подобро, а времето во кое тие делуваа и создаваа е неповторливо, затоа ова издание е уште еден придонес за нивната уникатност, како и нов начин на гледање на албумот „Битанга и принцеза“ за дискофилите кои се желни за понатамошно проучување на феноменот Бијело дугме – заклучува Желимир Бабогредац, директор на Croatia Records.

првото издание на албумот од 1979 година

Супервизорот на Croatia Records за Македонија, Иван Беќковиќ потенцира дека изданијата на најголемата дискографска куќа во регионот се постојано присутни во нашата земја и се многу популарни кај фановите, бидејќи тие се секогаш подобри од другите, оти даваат многу повеќе.
– Со винилот на Croatia Records оди и картичка за бесплатно преземање на песните во MP3 верзии, а самите изданија се луксузни, со многу дополнителни содржини. Јубилејната верзија на „Битанга и принцеза“ преку веб-шоп страната на Croatia Records веќе може да се купи онлајн, а официјалното излегување на албумот е закажано за 15-ти јули. Оние нестрпливите, звукот од новиот микс ќе може да го слушнат наскоро преку дигиталните платформи, вели Беќковиќ.

 

Коментарите се затворени.