Душко Павловски: Мојата намера за уредување на дворот и црквата во Галате е злоупотребена
Гостивар, 12 септември 2024 – Душко Павловски, иницијатор на акцијата санација и чистење на дворот околу црквата Св. Петка во село Галате и еден од приведените по полициска интервенција, преку соопштение до јавноста ги демантира наводите дека имал намера да предизвика мултиетнички немири и тензии. Тој во писмото наведува дека целата ситуација е злоупотребена, а од градоначалникот на општина Врапчиште побара извинување за етикетирањето дека работната акција е дело на криминална група.
– Во целост ги демантирам сите наводи против мене и не знам зошто се злоупотребува мојата добра намера. Ги демантирам и наводите на селаните од Галате, бидејќи и ним и на МПЦ уште во 2020 година им најавив дека планирам да помогнам во обновувањето на црквата, наведува Павловски.
Неговиот мотив за да се зафати е добронамерен и тврди дека не сакал да ги гледа местото и објектот запустени, а нарачал иконостас и уредување на внатрешноста на црквата.
– Иконостасот е готов од 2022 година и јас лично го платив, но заради смртта на двајцата мои родители до сега не бев во можност да отпочнам со чистење и санација на црквата и дворното место. За да се врати во функција не се потребни никакви градежни дозволи, доволно е само да се исчисти дворот кој беше обраснат, да се постават прозори и врати и да се офарбаат ѕидовите. Тие активности не значат никаква градба или доградба, пишува Павловски.
Тој тврди дека во групата која се одзвале на повикот имало лица од други религии и националности.
Според него уредувањето и активностите во дворот не биле ниту дивоградба ниту узурпација на земјиштето. Изјавата на градоначалникот дека се криминална група ја смета за навреда.
– Бараме јавно извинување од градоначалникот на општина Врапчиште кој се обидува да го спречи чистењето на дворот околу црквата, за искажаните навреди дека ние сме криминална група. Сметам дека со преземените дејствија, надлежните институции ги пречекориле и злоупотребиле овластувањата дадени со закон.
Павловски во писмото се оградува од како што вели оваа добронамерна иницијатива и им заблагодарува на сите кои учествуваа во чистењето на дворот од црквата. Тој е револтиран од изјавите на Тетовско – гостиварската епархија и нарачаниот иконостас ќе го донира во друг град каде ќе има подобра комуникација и соработка.
згм
Коментарите се затворени.