Градоначалникот Лимани најавува 15 проекти за подобра патна инфраструктура

Гостивар, 12 септември 2024 – Општина Гостивар поднесе петнаесет пријави на повикот за доделување 100 милиони евра од Министерството за локална самоуправа. Најголем дел од проектите се однесуваат на подобрување на градската патна инфраструктура, но има за руралните средини, вели вршителот на должноста градоначалник на општина Гостивар, Ваљбон Лимани. Лимани вели дека сите проекти за кои аплицирале се оформени и сработени според бараните стандарди и очекува сите да бидат прифатени.

Тој најави дека приоритет ќе имаат изградбата на ново шеталиште во центарот на градот и булеварот што води од центарот за култура до железничката станица.

– Главно сме фокусирани на реконструкција и асфалтирање на патишта во општина Гостивар. Еден од проектите е уредување на улицата која минува покрај некогашното кино. Се надевам дека овие проекти ќе се реализираат до крајот на годината или следната пролет, кога очекуваме да имаме оглас на кој ќе аплицираме и со проектите што ги предвидовме, вели вд градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани.

Од поважните проекти кои се во тек, Лимани посочи дека се работи на уредување на канализацијата на локалниот пат Здуње – Дебреше во должина од над два километри. По завршувањето на работите, со средства кои веќе се обезбедени ќе асфалтира целата должина на коловозот.

– Канализацијата на патот Здуње – Дебреше продолжува и очекувам за краток период да се доработи делот што остана. Во меѓувреме, во контакт со Светска банка и со компанијата која ги започна работите на патот Здуње – Дебреше, бев информиран дека следната недела ќе започне асфалтирањето на преостанатиот дел. Верувам дека до крајот на есента овој проект ќе биде комплетно завршена, изјави Лимани.

Според него, деновиве се очекува да започне уште еден важен проект од патна инфраструктура. Станува збор за булеварот „Гоце Делчев“ кој целосно ќе се реконструира и асфалтира од двете страни по целата должина.

– Како и поголемиот дел проектите со кои ги аплициравме, така и со овој во значајна мера ќе се подобри патната инфраструктура низ градот, нагласи градоначалникот Лимани.

Освен за подобрување на инфраструктурата во градот, од планираните проекти добар дел ќе бидат насочени кон потребите на жителите во селата.

згм

Коментарите се затворени.