Болница доби агрегат за струја како донација на општината и бизнис секторот
Гостивар, 1 октомври 2024 (МИА) – Агрегат за производство на струја со моќност од 400 киловати денес беше предаден на општата болница „Ферид Мурад“ во Гостивар. Набавката на оваа постројка со вредност од 100 илјади евра беше овозможена во соработка на општина Гостивар и локалната компанија „Ако градба“.
Вршителот на должност градоначалник Ваљбон Лимани на примопредавањето истакна дека при последната средба со раководството на болницата било разговарано за потребите и можноста да се помогне.
– Директорот ни кажа дека како една од приоритетни барања им е агрегат за електрична енергија. Во комуникација со сопственикот на компанијата „Ако Градба“ и двајца наши сограѓани, кои живеат во Швајцарија успешно ја реализиравме оваа донација. Како општина ќе настојуваме да има успешна меѓуинституционална соработка“, рече Лимани.
Директорот на болницата, Арѓент Муча истакна дека оваа соработка во градот е добар пример и како што рече отвора можности да продолжи во корист на граѓаните.
– Агрегатот ни дојде во вистинско време, бидејќи стариот беше речиси надвор од функција. Новиот има моќност која речиси тројно поголема и ќе овозможи постабилна електрична енергија на целиот објект. Наскоро очекуваме општината да ни овозможи уште еден, трет приод кон ургентното одделение, бидејќи досегашните во одреден дел на денот се преоптоварени со сообраќај, рече директорот Муча.
Набавката на агрегатот за болницата чија вредност е околу 100 илјади евра го иницирале сопствениците на компанијата „Ако градба“ и заедно со двајца печалбари ги реализирале набавката и транспортот.
– Наши познаници кои водат потекло од Дебреше, ни овозможија да ја купиме опремата и за две недели ја завршивме целата работа. Задоволни сме што можевме да помогнеме и да бидеме пример на една успешна соработка, рече Јусуф Бајрактар сопственик на „Ако Градба“
Инсталацијата на новиот агрегат за производство на електрична енергија кога има прекини во редовното снабдување, ќе започне деновиве.
Коментарите се затворени.