Започна обука со окупациона терапија на лица со попреченост во работилницата за репарација во Гостивар
Гостивар, 3 декември 2024 (МИА) – Од денес па во наредните три месеци ќе се спроведува обука преку окупациона терапија на лица со попреченост во работилницата за репарација „Прогрес“ во Гостивар. Почетокот со работата беше означен на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 Декември и со посетата на вд градоначалникот Ваљбон Лимани, кој истакна дека локалната самоуправа ги поддржува ваквите иницијативи.
– Овој проект го започнавме со многу ентузијазам. Преку него лицата со попреченост ќе бидат ангажирани преку окупациона терапија. На ваков начин тие ќе стекнуваат нови вештини и ќе усовршат нивните способности. Сметам дека интересот за ваквата обука ќе се зголеми, а ние како општина ќе даваме поддршка овој проектот да продолжи и понатаму, рече градоначалникот Лимани.
Координаторката на проектот Ема Нешковска истакна дека обуката за учесниците е бесплатна и е дел од соработката со фондацијата Фридрих Еберт Скопје, Ресурсниот центар на родители за деца со попреченост и Општина Гостивар.
– Освен што ќе ги развиваат креативноста, фината моторика, комуникацијата, фина моторика и самостојноста, овие лица ќе имаат можност да се стекнат со вештини и да се чувствуваат корисно за себе и за околината. Првите учесници беа избрани преку јавен повик, но останува можноста сите заинтересирани дополнително да се пријават и да се приклучат на групата, рече Нешковска.
Обуките во работилницата ги спроведува Стојан Андонов, окупационен терапевт кој кажа дека ваквите методи даваат значајни резултати при оспособувањето на лицата да се подготват за работа и да се приклучат во некој производствен процес.
– Терапијата не ги опфаќа само креативни активности. Тука се работи и на оспособување за секојдневниот живот и стекнување на навики како, прехранување, лична хигиена, одење на училиште или на работа. Целта е да се научат на организираност и затоа овие обуки се корисни, вели Андонов.
Обуката ќе се одвива три месеци низ часови кои ќе се одржуваат двапати неделно. Работилницата за репарација на стари предмети „Прогрес“ беше отворена лани и нејзината цел е да ги поттикне луѓето да поправаат предмети и апарати со што би го намалиле нивото на отпад.
згм
Коментарите се затворени.