Ново од Croatia Records: „Мајчин јазик“ на Влатко Стефановски на винил

Гостивар, 14 декември 2024 – Осум години по објавувањето на албумот „Мајчин јазик“ на Влатко Стефановски, „Кроација рекордс“ повторно ќе го издаде на винил. Песните се ремастерирани од Горан Мартинац во студиото на „Кроација рекордс“.

Стефановски рече дека иако бил исклучително продуктивен во текот на неговата кариера, она што отсекогаш ѝ недостигало на неговата дискографија бил гитарски соло албум како „Мајчин јазик“.

Инаку како информација за колекционерите на ЛП изданија (винили) албумот „Мајчин јазик“ доаѓа со картичка за преземање mp3 верзии на песни, ремастерирани од Горан Мартинац во Croatia Records Studio. „Lacquer cut“ на албумот, во студиото Abbey Road во Лондон го „режеше“ Шон Меги, добитник на наградата Греми за „Mono Box Set“ на Битлси.

На Влатко Стефановски му беа потребни само неколку дена мотивација и инспирација за да сними девет инструментални скапоцени бисери на албумот, чија обвивка е украсена со слика на Нада, мајката на Влатко, во улогата на Маша од драмата на Толстој „Жив леш“. Токму оваа слика која датира од доцните четириесетти години на минатиот век, на албумот му дава посебна емотивна вредност и укажува на инспиративната уметничка средина во која созреваше Влатко.

Денес, еден од најпознатите Македонци како деветнаесетгодишник го основа култниот бенд „Леб и сол“, по што се посвети на активно зачувување на традиционалната македонска песнарка (и не само македонската, туку и онаа на другите земји од Балканот), како и соработка со неговиот верен гитаристички партнер Мирослав Тадиќ.

Карактеристиката на вистинскиот уметник не е да прави што е можно поверна реплика на постоечко дело, туку да ја впише својата личност и виртуозност во изведбата, па, затоа овој албум ќе го најде својот пат до секој искрен љубител на делото на Влатко. Инструменталите на Влатко не се ладни и далечни, тој со секоја нота, која избра да ја задржи во својата визија за култните инструментали како „Бистра вода“ и „Успаванка за Радмилу М.“, или познатите традиционални песни „Јано мори“, „Димитријо, сине Митре“ и „Огреала месечина“, ја пренесува топлината и емоцијата што се вткаени во тие композиции – изведбата е совршена, иако сè е снимено за прв пат во студиото на Влатко – „Езотерија“, а тоа се квалитетите на виртуозот. „Зошто си ме мајко родила“ им е посветена на Стево и Есма Теодосиевски, кои, како и Влатко, ја задолжиле македонската култура.

Во текстот во буклетот, кој е дел од ова исклучително реиздание, македонскиот новинар и публицист Ненад Георгиевски напиша: „Некои луѓе имаат способност да се изразат елоквентно, но само вистинските уметници можат да ги трансформираат своите емоции во нешто повеќе – во уметност. Влатко Стефановски е еден таков исклучителен уметник чиј талент и визија продолжуваат да го инспирираат и да го движат светот со својата музика.

Иако беше исклучително продуктивен во текот на неговата кариера, она што отсекогаш и недостигаше на неговата дискографија е соло-гитарски албум. Со „Мајчин јазик“, Стефановски конечно ја пополни таа празнина и го испорача она што може да се смета за скапоцен камен во неговата подоцнежна кариера. Кога го издаде овој албум во 2017 година, беше јасно дека зачекори на сосема нова територија. Кога се создаваше „Мајчин јазик“, Стефановски се соочуваше со тешки лични предизвици, со товарот на околностите кои го притискаа него и неговото семејство.

Албумот носи чувство на емоционална тежина, како музиката да е исткаена од моменти на рефлексија и издржливост, сугерирајќи на уметникот кој, дури и во најтемните моменти од животот, сè уште се стреми кон убавината, достигнувајќи и уметнички височини и длабоко лично изразување.

Во тоа време, кога го промовираше овој албум, Влатко изјави: „Кога снимам, сакам да ја доловам мојата возбуда, моите емоции, а не техниката“. Но, верувам дека со овој албум отиде чекор понатаму – зароби дел од својата душа“.

Коментарите се затворени.