Врапчиштанец осомничен дека чувал кучиња за борба

Гостивар, 23 јануари 2026 – Помлад жител на Врапчиште се соочува со пријава за мачење на животни. Во простории што ги изнајмил чувал кучиња за кои постои основано сомнение дека се користени за борба. Според информацијата од портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи, синоќа околу 20:30 часот, полициски службеници од ОВР Гостивар и Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ и насилен криминал, спровеле акција по претходно добиени сознанија за кривично дело.

– Поради основано сомнение за сторено кривично дело „мачење на животни“ по член 233 од Кривичниот законик извршен е претрес во простории кои ги користи С.А.(22) од Врапчиште, гостиварско, а се сопственост на негов соселанец Ш.А.(20) кој се наоѓа надвор од државата. При претресот биле пронајдени четири кучиња – три од раса „питбул“ и едно куче од раса „доберман“, кои биле користени за борба на кучиња, вели портпаролот Реџепи.

Со С.А. бил извршен службен разговор во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава. Засега не е познато каде и во колку наврати кучињата биле користени за борби, но постојат индиции дека тоа било направено во изминатиов период.

 

Коментарите се затворени.