Одговор на општина Гостивар по протестот на земјоделците

Гостивар, 20 мај 2025 – Во врска со протестот на земјоделците кој денес претпладне се одржа пред седиштето на општина Гостивар пред извесно време добивме одговор. Заради објективност и поточно информирање го пренесуваме дописот од општина Гостивар.

ИЗВЕСТУВАЊЕ ДО ЈАВНОСТА

Општина Гостивар ја информира јавноста дека започна со реализација на проект во Зона 6, со цел подобрување на јавната безбедност, регулирање на сообраќајот и спречување на истекување на отпадни води во наводнителниот канал што поминува низ густо населена зона на територијата на општината. Сметаме дека некои од критиките упатени кон Општината се неосновани и претерани.

Сепак, како институција изразуваме жалење за вознемиреноста на земјоделците и ветуваме дека ќе се заложиме за соодветно решение кое ќе ги задоволи сите страни. Во таа насока, истакнуваме неколку важни факти:

  • Во последните четири децении, Јавното претпријатие за водостопанство на РСМ и Министерството за животна средина и просторно планирање не презеле никакви мерки, ниту иницирале постапки за решавање на континуираното загадување на каналот со отпадни води од домаќинствата во Зона 6.
  • Иако се документирани случаи на трагедии со фатални последици, особено на ј деца кои се удавиле во овој отворен канал, досега не се преземени мерки за безбедност, ниту е побарана одговорност за овие трагедии. Општина Гостивар континуирано поднесувала официјални барања до надлежните институции за решавање на овој долгогодишен проблем. Поради недостиг на соодветна и навремена реакција, локалната власт се чувствуваше обврзана да интервенира во интерес на граѓаните, преземајќи техничко решение во рамките на проектот за канализација, што вклучуваше пренасочување на отпадните води и покривање на дел од отворениот канал.

   

Со реализираната интервенција:

  • Отпадните води повеќе не се испуштаат во каналот, туку се насочени кон системот за канализација.
  • Каналот е покриен со соодветна конструкција, со што значително се намалува ризикот од несреќи.
  • Протокот на вода не е прекинат – напротив, продолжува преку затворен систем на цевки, со цел зачувување на функцијата за наводнување.

Сепак, како резултат на дејствувањето на Општинскиот инспекторат за градежништво, Државниот инспекторат за животна средина и Јавното претпријатие за водостопанство, Општина Гостивар беше принудена четири пати да го отвори покриениот дел од каналот, при што изведувачот беше физички спречен да продолжи со работите, иако тие се во согласност со проектот и одобрени од Општината како инвеститор. Исто така, беше побарана асистенција од полицијата за регулирање на сообраќајот на терен. Во таа насока, Општината подготви технички елаборат и поднесе официјално барање до СВР Тетово, но тоа беше одбиено со образложение дека се бара лиценца за градежни работи од изведувачот – документ кој не е во надлежност на МВР и кој е јавен и достапен на официјалната веб-страница на Министерството за транспорт и врски. Сепак, во знак на транспарентност и добра волја, Општината ќе го достави и официјално до СВР Тетово.

   

Во согласност со барањата на надлежните институции, Општина Гостивар ќе го врати наводнителниот канал во неговата првобитна состојба, но паралелно ќе иницира постапка за утврдување на одговорноста за загрозување на здравјето на граѓаните и животната средина, како и за долгогодишното институционално молчење. Апелираме до јавноста и медиумите:

  • Овој случај да не се злоупотребува за дневнополитички цели или лични интереси,
  • Да не се шират дезинформации и
  • Да не се манипулира со загриженоста на земјоделците, бидејќи Општината останува отворена за дијалог и решенија во интерес на граѓаните.

служба за информирање на општина Гостивар

Коментарите се затворени.

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

gostivar