Асфалтиран главниот пат низ Здуње
Гостивар, 23 мај 2025 – По три недели интензивни градежни активности, денес конечно беше пуштен во употреба реконструираниот пат низ селото Здуње. На пригодна церемонија, на која присуствуваше и градоначалникот Ваљбон Лимани беше кажано дека на инфраструктурен зафат се чекало подолго време и дека со него значително ќе се подобри поврзаноста со околните населби и градот.

– Реконструкцијата на оваа сообраќајница во голема мера ќе го подобри движењето на возила и граѓаните не само од Здуње, туку и од соседните населени места, рече Лимани. Тој напомена дека проектот со вредност од 10 милиони денари опфаќање асфалтирање и поправка на коловозот во должина речиси 1,4 километри. Од месната заедница се заблагодарија на соработката со локалната самоуправа и на Лимани му врачија благодарница.

Покрај оваа сообраќајница, во Гостивар интензивно се работи асфалтирање на улицата „Никола Тесла“ крак што води од гимназијата кон внатрешноста на населбата Дутлок. Во тек се работи на булеварот „Браќа Ѓиноски“, а од денес и на „Беличица“. Деновиве се очекува да биде асфалтирана и пешачката зона околу старото кино и да почнат работите на два локални пата.
згм
Коментарите се затворени.