Тридневен хуманитарен хепенинг во чест на д-р Трајче Нешковски

Гостивар, 6 октомври 2025 – По мотото „Ако човекот живее онолку колку што се спомнува, тогаш Трајче живее секој ден“, претстојниов викенд (од 10 до 12 октомври) ќе се одржи хуманитарниот хепенинг во чест на Трајче Нешковски.

Од Хуманитарното здружение на граѓани „д-р Трајче Нешковски“ информираа дека за време на тридневните активности ќе се прибираат и парични средства кои ќе се искористат за бесплатна градинка, образовни асистенти и за активности за борба со ракот на дојка.

– Ве покануваме да присуствувате на сите настани и со вашето учество да помогнете во намерите на здружението и оваа година да помогне онаму каде што е најпотребно. И оваа година, како и претходните намерата е да овозможиме за секого по нешто, но и да ја продолжиме хуманата мисија на д-р. Трајче, кој беше и остана синоним за човечност и солидарност, наведуваат од здружението.

Програмата започнува во петок со крводарителска акција (од 10:00 па до 15:30 часот) во просториите на Црвен крст Гостивар. Во сабота 11 октомври од 12:00 часот на градскиот плоштад ќе започне детската програма. Дечињата ќе ги забавува DJ Bono заедно со маскотата на Еднорог, а од 13:30 часот ќе се приредува театарска претстава за деца Галенка – комична претстава преку која ќе се прикаже дека важноста на правата и обврските се подеднакво важни. Во сабота програмата продолжува со хуманитарна забава во „Боа Бар“ од 21:00 часот, на која ќе настапат: Тамара Волческа, Ивона Јо и DJ Ficho.

Во недела 12 октомври ќе се одржи традиционалниот меморијален спортски турнир. На игралиштето во Малеарди од 12 часот ќе се спортува, по што ќе следува коктел забава и настап на Brainfreezers.

– Со средствата што ќе се соберат од настаните, здружението ќе го продолжи проектот за бесплатна градинка на децата на самохраните родители, ќе го продолжиме проектот за обезбедување на образовни асистенти на децата со попреченост во средно училиште, како и активности посветени на розовиот месец Октомври и жените борки против ракот на дојка, стои во информацијата на ХЗГ „д-р Трајче Нешковски“.

– Ако човекот живее онолку колку што се спомнува, тогаш Трајче живее секој ден-

 

Коментарите се затворени.

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

gostivar