Гостивар го празнува 18 Ноември, Денот на ослободувањето
Гостивар, 17 ноември 2025 – Со изложба на стари фотографии, свечена академија, доделување на наградите од литературниот конкурс и пригодна културно-уметничка програма вечерва започна празнувањето на Денот на ослободувањето на Гостивар.

На одбележувањето на 81 година од тој историски настан, во центарот за култура „АСНОМ“ покрај почитувачите на придобивките од НОВ присуствуваше и делегација од општина Гостивар предводена од вд градоначалникот Ваљбон Лимани, командантот на тетовската касарна, митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф, претставници на политички партии и други гости.
Во обраќањето, првиот човек на организацијата на сојузот борци Гостивар, Радислав Ѓиноски кажа дека денешното чествување им е посветено на сите што ја изборија слободата.

– Денес заеднички го одбележуваме најзначајниот ден од историјата на нашиот град. Токму затоа, денес се навраќаме пред 81 година за да се потсетиме и да им оддадеме почит на нашите претходници. Затоа, наша обврска и задача е да ја чуваме слободата, рече Ѓиноски.
На пригоден начин беа соопштени и резултатите од конкурсот за литературни творби што Сојузот на борци Гостивар распишува по повод празникот.

Годинава темата беше „Времето и настаните што поминале се поаѓалиште на она што доаѓа“. Меѓу основците најдобра творба имаше Софија Ристоска од ООУ „Гоце Делчев“, под менторство на Ефимија Групчева, а во конкуренција меѓу средношколците Филип Билбилоски од СОУ „Гостивар“, кому ментор му беше Андријана Страшевска.

За својот труд тие добија дипломи и можност да ги прочитаат напишаните творби. Програмата беше збогатена и со настапите на децата од градинките и групата од ООУ „Гоце Делчев“ која ја води Валентина Николоска. Програмата ја збогатија и пејачките Тамара Грујеска, Дорис Димовска и групата Фаворити.

Коментарите се затворени.