Разрешен директорот на Гостиварскиот театар, Сулејман Рушити; Синдикатот обвинува за реваншизам
ГОСТИВАР, 13 март 2026 – Националната установа Гостиварски театар од вчера е без директор, откако министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, потпиша решение за предвремено разрешување на Сулејман Рушити. Како главна причина за овој потег се наведува „несовесно работење“ поради неподнесување жалби на судски пресуди, додека Синдикатот на културата (СКРМ) го оцени разрешувањето како политички реваншизам.
Според официјалното решение, Министерството по службена должност утврдило дека Рушити пропуштил законски рокови за жалба на пресуда од декември 2025 година, со што таа станала правосилна.

„Со ваквото неправилно и несовесно постапување, сторена е потешка повреда на работните обврски, што предизвикало дополнителни трошоци на товар на установата“, се вели во документот на Министерството. Се додава дека слична практика била повторена во уште четири други судски постапки покренати од вработени.
Сулејман Рушити за „RADIO G“ потврди дека го примил решението и најави дека по дополнителна анализа ќе одлучи дали ќе поднесе тужба до Управниот суд. Од друга страна, Синдикатот на културата на РМ (СКРМ) упати остра реакција, тврдејќи дека Рушити е казнет затоа што ги почитувал правата на вработените.
„Дали секој што ќе постапи спротивно на желбите на министерот ќе биде санкциониран? Правосилните судски пресуди мора да се почитуваат, а платите на вработените мора да бидат исплатени“, прашуваат од СКРМ, обвинувајќи го министерот Љутков за самоволие.

Сулејман Рушити, кој по професија е режисер, раководеше со театарот од декември 2022 година. Тој во изминатиот период често јавно укажуваше на лошите просторни услови во кои работи ансамблот. Од Министерството се очекува наскоро да назначат вршител на должност (в.д.) директор од редот на вработените, до распишување на нов оглас. Последните настапи ансамблот на Гостиварски театар беа во декември на фестивали во Кичево и Прешево. Во програмата на министерството за оваа сезона se прифатени 4 проекти – целовечерни претстави. Актерскиот ансамбл на НУ Гостиварски театар има 11 актери и работи седум години.

Коментарите се затворени.