Поетски мост меѓу генерации – ново издание на заедничката поетска збирка „Литературни искри“
Гостивар, 12 мај 2026 – Во пресрет од одржувањето на 12. издание на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри”, излезе од печат заедничката поетска збирка со авторите учесници на конкурсот. Во неа се сместени 50 автори со по една песна на својот мајчин јазик и беа високо оценети од жири комисијата. Годинава, на дванаесеттото издание на фестивалот во конкуренција влегоа 173 регуларни пријави во двете возрасни категории. Од песните кои ги прочита и оцени жири-комисијата, се издвоија 12 автори од кои на шест ќе им бидат доделени награди.

– Со особена радост и тивка свеченост во мислите, ги пречекавме стиховите собрани во оваа заедничка поетска книга, посветена на светлиот празник на Светите Кирил и Методиј – темелите на словото, првите светилници што ја запалија светлината на јазикот во нашите души. Во нивна чест, поезијата овде не е само збор, туку молитва што дише, трага што свети и мост што ги поврзува внатрешниот и надворешниот свет. Оваа книга е како жива мрежа од гласови – различни по боја, ритам и возраст, но соединети во едно заедничко небо на словото. Авторите од Македонија и пошироко создаваат мозаик во кој секој стих е камче, а целината – икона на современото поетско чувствување. Токму во духот на Кирил и Методиј, овде јазикот не е граница, туку врата; не е ѕид, туку патека, се истакнува во освртот од жири комисијата за збирката.
Во оваа збирка освен поети од Македонија има и од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина со песни на нивниот мајчин јазик и во превод на македонски и англиски јазик.

Организаторот и проектен координатор на фестивалот, Слаѓана Брезовска, истакнува еден интересен факт за ова издание: во збирката има автор на кој мајчин јазик е рускиот јазик, авторот живее и твори во Скопје. Брезовска информираше дека подготовките за реализација на 12- тото фестивалско издание се при крај. Организацискиот одбор по овој повод упати отворена покана до сите љубители на пишаниот збор на 24 мај со почеток во 12 часот во Центарот за култура „АСНОМ“ во Гостивар да присуствуваат на претставувањето на финалистите, доделувањето на наградите и промоцијата на заедничката поетска збирка.
Поканата особено се однесува до сите застапени автори во збирката, нивното присуство ќе претставува можност веднаш да ја подигнат збирката.
Традиционалната поетска литературна манифестација Меѓународен поетски фестивал „Литературни Искри”, Гостивар се организира по повод Државниот празник 24-ти Мај во чест на сесловенските просветители Кирил и Методиј по дванаесетти пат.

згм
Коментарите се затворени.