Затворен угостителски објект, приведени сопственикот и повеќе странски државјанки
Гостивар, 10 март 2021 При контрола на угостителски објект во Неготино гостиварско биле затекнати триесетина гости, оркестар и повеќе женски лица кои ги забавувале. Сопственикот на локалот бил лишен од слобода, бидејќи се однесувал агресивно кон полициските службеници и инспекторите на ДПИ. Според СВР Тетово, синоќа (09 март) во 20.30 часот, полициски службеници од Полициската станица Гостивар, во содејство со Државниот пазарен инспекторат, извршиле контрола во угостителски објект во селото Неготино, гостиварско, сопственост на С.Т.(21) од с. Неготино. При контролата, во објектот биле затекнати 30 лица – гости, бенд со четири изведувачи и 13 женски лица (пет странски и осум македонски државјанки) кои ги забавувале гостите. При контролата било констатирано дека не се почитуваат протоколите за спречување на ширењето на Ковид 19.
При контролата, сопственикот се однесувал агресивно и им се заканувал на полициските службеници и инспекторите од Државниот пазарен инспекторат. Набрзо потоа, С. Т. бил лишен од слобода и задржан во полициска станица. По целосно документирање на случајот против него ќе бидат поднесени пријави по член 206 од Кривичниот законик – „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ и член 144 од Кривичниот законик – „загрозување на сигурноста“.
Во полициска станица Гостивар биле приведени и странските државјанки (две од Косово, две од Албанија и една од Србија) поради злоупотреба на туристичкиот престој. Објектот бил затворен од Државниот пазарен инспекторат.
з. г. м.
Comments are closed, but trackbacks and pingbacks are open.