Пожарот во Гостивар откри мрачна вистина за едно дисфункционално семејство
Утринската трагедија по пожарот во Гостивар по сè изгледа е само врв од ледениот брег на пропусти во системот. Допрва ќе се бараат одговори што довело до трагедијата Засега е познат првичниот исход: едно седумгодишно дете го загуби животот, неговата мајка С.Т. (35) има помали изгореници и преживеан шок, еден стан речиси целосно е изгорен, а неколку се оштетени.
Една од информациите која не ја потврдија институциите е дека несреќното дете не било заведено во матичната евиденција. Тоа припаѓало на категоријата „деца фантоми“ и не одело на училиште. Семејството не било корисник на социјална помош, ниту евидентирано во Центарот за социјална работа. Таму до денес немало никакви пријави за родителска негрижа и злоупотреба кон кое било од децата во семејството.
Последната информација за настанот е лишувањето од слобода на мајката на починатото дете. Жената е задржана во полициска станица под сомнение дека сторила кривично дело „повреда на семејни обврски“. Таму ќе биде задржана до утре, по што се очекува да биде изведена пред судија на претходна постапка во Основниот суд Гостивар.
По првичниот шок, станарите во третата зграда на улицата „Кеј Вардар“ откако утрово нерасонети спасуваа жива глава од огнената стихија која избила во стан на третиот кат, сè уште не можат да влезат во домовите. Се чека увид на екипа од МВР. Објектот е без струја, а станарите ноќта ќе ја поминат кај роднини.
Неколку часа подоцна и тие и пошироката јавност ЈА ПОТРЕСЕ сознанието дека детето пред да дојдат пожарникарите било врзано со ланец за нозете. Од обвинителството наведоа дека во исказот на семејството, тоа било поради неговата агресивност.
Дисфункционалното семејството броело шест члена. Покрај С.Т. и нејзината сестра имало и уште три девојчиња и починатото дете. Тие по потекло се од Ресен. Во станот живееле како потстанари.
Засега остануваат неодговорени повеќе прашања: од кога семејството живее во Гостивар, кој е одговорен и како се случило дете да биде врзано со ланец и катанец? Дали соседите не забележале ништо сомнително кај новодојденците, дали трагедијата е сплет на несреќни околности и дали можела да биде избегната?
Коментарите се затворени.