Три лавини близу Бигорскиот манастир, една зафатила возило во движење
Гостивар, 21 март Едно лице е полесно повредено од снежна лавина која паднала врз возило што се движело по регионалниот пат Маврови Анови-Дебар.
Снежните врнежи предизвикаа уште две лавини кои го попречија одвивањето на сообраќајот од 21 часот.
Според градоначалникот на општина Маврово Ростуше, Медат Куртовски дежурни екипи на „Македонија пат“ успеале да обезбедат проодност и сообраќајот што бил во прекин да се нормализира.
– Вечерва во близина на бензинската пумпа кај Бигорскиот манастир паднати се три лавини. Една од лавините зафатила едно возило во кое еден од патниците здобил лесна повреда на ногата. Екипи на Македонија пат, општина Маврово и Ростуше и Бигорскиот манастир се на терен со свои машини и работат на расчистување на лавините, информира градоначалникот Куртовски.
По два часа работа, механизираните екипи го расчистија коловозот и овозможија движење на возила.
На овој дел од патот што води по долината Радика и претходно се случувало да има лавини. Таквата појава е честа особено при крајот на зимата кога снегот се топи и при пообилни снежни врнежи.
Коментарите се затворени.