Артан Груби: На Гостивар му е неопходна промена на градоначалникот
Гостивар, 28 април 2021 На Гостивар како никогаш досега му е потребна смена на градоначалничката позиција смета Артан Груби првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците. Тој денес дојде како поддршка на министерот за економија кој промовираше нова инвестиција и во коментар за економската состојба во која се наоѓа првиот град на Вардар вината ја префрли на раководство на општината.
– Како на ниту една друга општина на Гостивар, очајно му е потребна промена на градоначалничката позиција. Таа се менаџира на најлошиот можен начин и граѓаните имаат потреба од развој на градот што би се одвивал во соработка со централната власт, подвлече Груби во одговорот на новинарско прашање околу претстојните локални избори.
Според него гостиварската општина ќе добиела повеќе средства за развој доколку раководството не ги застапувало партиските интереси.
– Можеше многу повеќе да се направи за овој регион доколку имавме соработка со локалните власти. Но, за жал тие не ги гледаа интересите на граѓаните и компаниите, туку во прв план ги ставија интересите на нивната партија и политиките кои се однесуваат на централно ниво. Затоа на Гостивар му треба градоначалник кому на прво место ќе му бидат потребите на граѓаните и фирмите и ние како партија ќе ја поддржиме таа промена, потенцира Артан Груби.
Тој за евентуалната поддршка на кандидатурата на потпретседателот на ДУИ и поранешен градоначалник Невзат Бејта, рече дека за тоа ќе се одлучува во наредниов период, но како што рече секој предлог на лидерот Али Ахмети ќе биде далеку подобар од актуелниот. згм
Коментарите се затворени.