Протест против најавените реформи во образованието

Гостивар, 15 мај 2021 Неколку стотини гостиварци се одзваа на повикот на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ и излегоа на протест пред зградата на општина Гостивар. Претставници на иницијативата посочија дека Иницијативата се залага против донесувањето на новиот Законот за учебници за основно и средно образование, со кој се предвидува дигитализација на учебниците.

Во обраќањата на албански и македонски јазик, тие се оградија од влијанието на политичките партии, туку како што рекоа, се родители кои се загрижени за иднината на децата. Меѓу останатите забелешки во најавените реформи, од иницијативата го истакнаа проблемот со дискриминацијата на децата.

– Од една страна промовираме еднаквост, недискриминација, од друга страна внесуваат сензитивни предмети кои подлежат на нееднаквости и дискриминација. Министерката вели: на децата од социјалните ранливи категории кои не можат да следат настава преку дигитални помагала, училиштата ќе им испечатат мини учебници – скрипти. Каде е тука еднаквоста меѓу децата? рече Борче Брајкоски учесник на протестот.

Од протестот тие порачаа дека нема да дозволат децата да бидат предмет на тестирање и побараа заеднички да се изнајдат решенија за најавените реформи.

На крајот од протестот беа испорачани осум барања меѓу кои се: Хартиените учебници задолжително да останат во употреба, исклучување на родовото сензитивно, Етика на религиите да остане изборен предмет, не спојување на два или повеќе предмети во еден, образложение за кратењето на фондот на часови, повеќе услови за инклузија на децата со попреченост, создавање на протоколи за одржување настава со физичко присуство во услови на пандемија и задолжително учество на претставници од групата и од граѓанскиот сектор во работната група за измени во Законот.

згм

Коментарите се затворени.