Реконструкција на улицата „Кеј Вардар“: За еден месец ќе биде како нова

Гостивар, 11 јуни 2021   Една од поважните сообраќајници во градот, улицата долж кејот на Вардар наскоро ќе стане пофункционална. Реконструкцијата на делницата од мостот кај судот, па до маркетот Монтенегро, ќе заврши за еден месец. за овој зафат од општинската каса се издвоени над сто илјади евра.

Заборавена со децении, повеќе пати споменувана во предизборни ветувања, улицата која поминува паралелно со десниот брег на Вардар, конечно го доби потребното внимание. Жителите од овој дел на градот често пати се жалеа на состојбата со коловозот. Улицата имаше нерамнини и удaрни дупки, а често пати движењето на возила ја загрозуваше безбедноста на пешаците.

Градежните машини интензивно работат на отстранување на стариот асфалт, тротоарите, подологата и санирање на оштетувањата.

Дашмир Османи од канцеларијата за локален економски развој вели дека станува збор за целосна реконструкција на улица со должина од речиси половина километар и коловоз со ширина од десет метри.

Локалната самоуправа ја стави во развојната програма и за оваа намена од буџетот издвои над сто илјади евра.

По завршувањето на работите улицата Кеј Вардар ќе има два нови тротоари со ширина од по два метри, нова подземна инсталација за канализација и атмосферски води и пропратна инфраструктура. Довршувањето на ова парче од кејот на Вардар ќе се вклопи во идејата на локалната власт да се формира урбана целина на едно од најатрактивните локации во градот.

Коментарите се затворени.