Проект за поголема безбедност на пешаците, велосипедистите, мотоциклистите и на возачите на електрични тротинети

Гостивар 11 јуни 2021    СВР Тетово наскоро ќе започне да спроведува проект под мото „Само искуството е знаење, сé друго е информација и едукација“. Преку непосредно информирање, совети и укажувања ќе се придонесе за поголема безбедност на пешаците, велосипедистите, мотоциклистите и на возачите на електрични тротинети.

Од СВР Тетово информираат дека се финализираат последните подготовки за реализација на новиот превентивно-информативен и едукативен проект. Носител на проектот е Отсекот за превенција, а неговата практична презентација планирана е на 19-ти овој месец.

– Со проектот се предвидува организирање на еднодневни информативни средби со пешаци, велосипедисти, мотоциклисти и возачи на електрични тротинети, на кои  полициски службеници од гостиварското Одделение за безбедност на патниот сообраќај поблиску ќе им ги претстават новините во законската регулатива. На оваа категорија на учесници во сообраќајот ќе им бидат давани и корисни совети, вели портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски.

Во рамки на проектот ќе се дистрибуираат и над 2.000 наменски изработени флаери, на македонски и на албански јазик. Во втората фаза од проектот планирано е и одржување на сообраќајни поуки за прекршители.

Основната цел на оваа активност е да се зголеми безбедноста на учесниците кои деновиве во сé поголем број се среќаваат во сообраќајот на подрачјето.

Истиот проект ќе се спроведува и во тетовско.

Коментарите се затворени.