Зграда во центарот на градот половина век без приклучок на канализација
Гостивар 15 јуни 2021 Смрдеа и опасност од зараза. Мало езеро исполнето со отпадна вода е секојдневието на дваесетина гостиварски семејства. Иако живеат во централното градско јадро, тие не ги уживаат погодностите на урбаното живеење. Сликата е нереална за 21 век.
Очајни во обидот да најдат решение, се снаоѓаат со импровизации, за кои се потребни акробатски вештини. Повеќето се возрасни, но имаат деца за кои најмногу стравуваат. Здравко Спирески, има најдолг станарски стаж во зградата на Илинденска број 101. За него и неговите соседи состојбата пред влезовите е срамота.
– Ја се срамам од самиот себе што дозволувам јас моите деца и жена да прескокнуваат преку овие импровизирани мостови од цигли и камења за да влеземе и излеземе од зградата. Тука живеат деца, кои не може да играат во дворот. Постои реална опасност да се заразиме и да фатиме некоја болест. Смрди, има инсекти/буба шваби. Што да ви кажам, ова е невидено нешто во центарот на градот, вели Здравко.
Опасноста расне со температурите кои во летниот период создаваат поволни услови за развој на зарази. Заради тоа, пријавувале до сите надлежни институции, но освен ветувања не добиле ништо конкретно. Перса Дукоска станарка во зградата и по една година одговор не добила. Упорна е намерата да најде излез:
– Јас бев пред три дена во „Водовод“ и ми рекоа дека мора да се дојде кај нив и дека мора да се плати. Ние треба да платиме за да се приклучиме на градската канализација. Тоа е решение на нашиот проблем, нема друго чаре, така ми рекоа, вели Перса
Од ЈП Комуналец потврдија: Зградата со број 101 на улицата Илинденска нема директен приклучок на градската канализациска мрежа и тоа создава проблеми. Отпадните води се слеваат во септичка јама која се наоѓа од предната страна. Таму има шахта, но над неа има тераса која ја користи угостителски објект и тоа го отежнува празнењето.
Стравот и притисок од потешки последици чувствува и Тасим Махмути. Присуството на вода во подрумите според него е опасност која се заканува на статиката на зградата.
– Во внатрешноста на зградата има исто така голем проблем. Во подрумите навлегува вода, тоа можете и да го снимите. Таму не може да се влезе. Малтерот од ѕидовите се ронат. Јамата е огромна и може да се случи нешто непосакувано. Ние фактички сме под вода.
Како се случило еден од најстарите станбени објекти да остане не приклучен на градската канализациска мрежа не можевме да најдеме одговор. Досега проблемот се решавал кампањски, со празнење на јамата, но сите се согласни тоа не е трајно решение.
Екипа на ЈП „Комуналец“ дента дојде на местото и најави дека ќе ја забрзаат постапката за да се направи приклучок кон градската канализација, поточно до колектор кој минува на два метри од зградата
Коментарите се затворени.