Полицијата предупредува: Казни за бучните забави
Гостивар, 28 јуни 2021 Чуварите на редот со апел до сите кои овој период планираат да прават забави со диџеи, бендови, да бидат во склад со законот и да ја приспособат јачината на музиката.
Од СВР Тетово констатираа дека со летниот училиштен распуст има зголемена раздвиженост во кафулињата и во дискотеките, посебно во вечерните часови.
Деновиве биле регистрирани поплаки на организираните забави кои се проследени со гласна музика. На вознемирување се жалеле граѓани кои живеат во близина на угостителските објекти и во станбените згради каде во приземјата функционираат кафулиња и клубови.
– Поради тоа, СВР Тетово повторно апелира до сопствениците на кафулиња, дискотеки и други угостителски објекти да внимаваат на јачината на музиката што ја пуштаат во нивните локали или ја свират музичките групи. За потсетување е дека глобата за ваквиот вид прекршок се движи од 200 до 500, односно до 1000 евра во денарска противвредност, наведуваат од СВР Тетово
Полициски службеници значително ги интензивираа контролните активности во угостителските објекти и сите прекршоци кои се откриваат во нив, соодветно се санкционираат. Затоа предупредуваат, угостителите да не дозволуваат престојување на малолетници во објектите по 24 часот, ниту да ги послужуваат со алкохолни пијалаци, бидејќи во тој случај ги очекуваат поднесоци и високи парични глоби од 1.700 до 2.000 евра во денарска противвредност, а може да заработат и кривична пријава.
Коментарите се затворени.