Работилница за промоција на европските вредности

Гостивар, 8 јули 2021 Oрганизацијата за човекови права и слободи ЦИВИЛ организираше работилница во Гостивар на тема: „Учество во креирање политики, јакнење на јавната свест и промоција на европските вредности, мултикултурализмот и недискриминацијата на локално ниво“. На темата во салата на советот на општина дискутираа претставници на институции, невладини организации, советници, носители на јавни функции и граѓани.

На почетокот, од ЦИВИЛ појаснија дека работилницата е продолжение на соработката со општините во креирањето успешни модели за граѓанско учество во процесите на носење одлуки на локално ниво. Таа е дел од проект што промовира европски вредности и е дел од борбата против хибридни закани.

– Има потреба од активно вклучување на сите засегнати страни во одговор на прашањата за соработка меѓу локалната власт, граѓанските здруженија, медиумите и граѓанките и граѓаните во негувањето и промоцијата на европските вредности воопшто и мултикултурализмот посебно, како на национално, така и на локално ниво. Крајната цел на оваа работилница е да се придонесе во создавање успешни модели за граѓанско учество при носењето на одлуки на локално ниво, рече Дијана Тахири од ЦИВИЛ.

На работилницата се обрати и градоначалникот Арбен Таравари кој ја истакна мултикултурната средина на Гостивар и посочи дека овој град и неговите жители се модел за соживот помеѓу различните култури и како пример треба да се спроведува низ државата.

            Работилницата е дел од проектот „Европски перспективи“ кој ЦИВИЛ го спроведува со поддршка на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

згм

Коментарите се затворени.