Во Гостивар станува критично, во болницата вложуваат напори за да ги сместат новоинфицираните
Гостивар, 23 август 2021 Бројката на заразени со корона вирусот во регион Гостивар и натаму расте. Притисокот најмногу се чувствува во најголемата здравствена установа општата болница „Ферид Мурад“. Таму веќе се врши реорганизација на одделенијата и се прават дополнителни приклучоци за доток на кислород, неопходен за лекување на пациентите. Неофицијалните информации упатуваат дека денес има 225 новоинфицирани, со што бројката на активни случаи надмина 1.600 лица.
Во моментов во гостиварската болница се лекуваат над сто пациенти, од кои повеќето на кислородна поддршка.
– Ситуацијата е критична. Но, по денешните консултации што ги имавме со персоналот задолжен за лекување на пациентите со ковид19, синоќа беа примени помалку за разлика од претходните денови. Во моментов во гостиварската болница болнички се лекуваат 108 лица. Вчера, во амбулантата на инфективното одделение имало 42 прегледи од каде што некои пациенти беа испратени „ковид одделенијата“ и модуларната болниц. Од 108 пациенти, на 68 им се дава терапија со кислород. За жал имавме и два смртни исходи, вели Јакуп Јакупи директор на општата болница.
Тој нагласи дека работат на обезбедување дополнителни слободни места за прием и лекување на пациенти на кои тоа би им било потребно.
Болничката управа е во директен контакт и се координира со министерството за здравство за да се справи со напливот на пациенти. Денес се анализирале и можностите доколку се јави потреба, некои пациенти да бидат префрлени во поблиски здравствени установи.
– Воспоставивме директни контакти со директорите на болниците во Струга, Охрид, Прилеп и Битола и доколку биде потребно нашите пациенти ќе ги превезуваме таму. Се надевам дека тоа нема да се случи, но ситуацијата е непредвидлива, рече Јакупи.
Засега во гостиварската болница има места за болничко лекување и како што подвлече, напорно се работи да се зголеми капацитетот за третман на пациентите со кислород.
Коментарите се затворени.